Во Србија деновиве расте позитивна тензија во врска со наводен неформален бриселски нацрт-извештај за стратегијата за проширување на ЕУ
- Во случајот на Србија, во документот од Брисел наречен нацрт-извештај за стратегијата за проширување на ЕУ, се нагласува дека „Хрватска и Бугарија не би можеле повеќе да ја блокираат поради билатерални спорови“. Експерти од Србија, кои имале можност да го прочитаат нацрт-извештајот на стратегијата за проширување на Европската Унија, кој во српската јавност деновиве се спомнува како документ претставен во Брисел, толкуваат дека е исклучително поволен за Србија. Кој е овој документ и дали е ова само едно субјективно толкување на експерти од Србија?
Во српската јавност изминативе денови се истакнува наводното постоење на нацрт-извештај за стратегијата за проширување на Европската Унија, во кој, како што пренесуваат српските медиуми, се нагласува оти нерешените билатерални прашања меѓу земјите од Унијата и земјите што не се членки треба да се решаваат билатерално, односно не треба да се користат како средство за притисок и за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати. Директорот на Институтот за европски студии, Слободан Зечевиќ, во гостување на РТС истакна дека документот е поволен за прием на нови членки во ЕУ.
– Мојот впечаток е дека ЕУ сака да ги покаже сите предности на членството и да го олесни во наредниот период. Многу е важно билатералните проблеми што ги имаат земјите, и оние што се членки и оние што не се, да не можат да послужат како блокирање на приемот на нова членка. Документот сега нагласува дека не е поволно само за земјата кандидат да биде примена во ЕУ, туку и за самата Унија, бидејќи тоа придонесува за мир, стабилност и економски развој – вели Зечевиќ, според кого ова би значело дека Хрватска и Бугарија нема да можат да ја блокираат Србија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Зборувајќи за иднината на ЕУ, Зечевиќ смета дека европскиот блок треба да се прошири на целиот континент за да придонесе за економска стабилност и безбедност.
– Мислам дека ЕУ сфати дека треба да се прошири на целиот континент за да придонесе за економска стабилност и безбедност и дека секој што живее на европско тло треба да стане членка, освен Турција, бидејќи припаѓа на исламската култура – посочува Зечевиќ, додавајќи дека процесот на проширување станал стратешки важен за ЕУ како целина, како и дека таквиот став не е можен без консензус на Германија, Франција и Италија.
Оваа стратегија, за која се вели дека била претставена во Брисел, првенствено носи политичка порака дека ЕУ уште еднаш потврдува оти проширувањето е на врвот на нејзините приоритети во моментов, изјави за „Евроњуз Србија“ Александра Јоксимовиќ, претседателка на Центарот за надворешна политика. Таа исто така истакнува дека во оваа нацрт-стратегија има неколку елементи.
– Дали е значајно што билатералните спорови според предлогот не би можеле да го запрат процесот на интеграција? Тоа е исклучително значајно. Би рекла дека во целиот нацрт, ЕУ ги детектира оние клучни проблеми што се појавија во преговорите досега. За време на отворањето на преговорите и за време на влезот во ЕУ, консензусот остана – наведува Јоксимовиќ.
Како што истакна таа, одредени земји од регионот со децении биле спречувани во евроинтеграциите, по што се отворил нов прозорец за политиката на проширување.
– Морам да кажам дека оваа тема се појавила во документите на ЕУ и претходно, но сега е ставен акцент. Од друга страна, имаме важен момент во овој нацрт каде што велат дека постои можност за замрзнување на преговорите доколку има назадување во одредени области. ЕУ се обидува да ги зајакне и стапот и морковот во обид да ги стимулира земјите кандидатки на одреден начин да се движат побрзо. Благодарение на геополитичката ситуација, се отвори нов прозорец за политиката на проширување. Прашањето е колку долго ќе трае, на кој начин ќе се реализира, но ЕУ уште еднаш сака да ја подвлече важноста и волјата за нов процес на проширување. И уште еднаш се подвлекува важноста на заедничката надворешна и безбедносна политика бидејќи ова прашање доби ново значење по војната во Украина – заклучува Јоксимовиќ. Р.С.


































