Македонија е навистина чудесна земја, која постојано изненадува. Богата е со талент како ретко која друга, а сепак сиромашна со навики и систем во полза на талентот, како и со пазар за негово пласирање… Доволно е само да погледнеш филм на млад режисер или да слушнеш нов бенд и веднаш ќе почувствуваш нешто што не може да се глуми: таа сурова, искрена, домашна креативност што ни е во крвта. И токму затоа боли кога гледаш колку сме ограничени, не поради недостиг од талент, туку поради рамката што никогаш не порасна заедно со него. А токму тоа најмногу ме боли.
Бидејќи кај нас успесите се постигнуваат на инает. На љубов кон занаетот. На упорност што не е препорачлива по здравјето. Нашиот пазар не обезбедува стабилност. Нема механизам што ќе му каже на уметникот: „Да, може да живееш од ова. Продолжи.“
И проблемот не е само на полето на филмот. Погледнете ја музиката. Минатата недела, во локал во Кавадарци, беше прекинат музички настап на српска турбофолк-ѕвезда, која пак беше приведена и казнета затоа што настапувала без потребната дозвола за настап. Но, уште пострашно е што било констатирано дека во локалот што имал капацитет за двесте луѓе, биле присутни околу седумстотини. Само брза и одлучна реакција на надлежните органи, која го осуетила овој настан навреме, можеби спречила уште еднаш да ни се случи „Пулс“.
Само десетина дена претходно, друга турбофолк-ѕвезда, исто така од Србија, развеа бугарско знаме и со тоа ги разлути македонските обожаватели. Овие два настана силно ја разбранува јавноста, но исто така поставија едно јасно прашање: Зошто, и покрај очигледното проблематично однесување, сѐ уште повеќе ги преферираме странските изведувачи на сметка на своите?
Но, да се вратиме на темата. Сето тоа покажува дека Македонија сѐ уште бара јасна стратегија како да ја организира, промовира и заштити сопствената музичка култура. А уште помалку има план како да ги создаде и поддржи домашните ѕвезди. Ние честопати повеќе се занимаваме со странски имиња што за „тешки“ пари ни доаѓаат од соседството, наместо да ја поддржиме и градиме сопствена сцена. А без сцена – нема музичка индустрија. Без индустрија – нема континуитет. А без континуитет – нема ниту квалитет. И така талентот ни талка како во место, наместо да расте и да се развива.
Соседите одамна ја научија оваа лекција. Србија си изгради медиумска и продукциска машинерија. Бугарија комбинира државни пари со приватни инвеститори. Грција создава култура со туристичка вредност. Албанија и Косово ја претворија дијаспората во глобален засилувач и за неколку години влегоа на светската сцена. Тие не чекаа пазарот да се случи, туку сами го создадоа така што ги препознаа своите квалитети и научија како да ги поддржуваат.
А ние? Ние сме земја со големо срце, но со плитки џебови и уште помала верба дека културата може да биде индустрија. Филмските продукции функционираат како борци, не како компании. Музичарите опстануваат, но со цена што најчесто ја плаќаат со исцрпеност. А публиката сака квалитет – но ретко сака да инвестира во него.
И покрај тоа, токму младата генерација ни покажува дека излез има. Интернетот ги урна границите што со децении нè ограничуваа. Денешните автори не прашуваат дали македонскиот пазар е голем – тие си бараат публика низ светот. Вистинското прашање е дали ние ќе ги следиме или ќе останеме вечно зачудени зашто успеваат надвор, а тешко дома.
Македонија е земја со премногу талент за премал пазар. И ако навистина нешто мора да се унапреди, тоа не е квалитетот, тој одамна е тука, туку нашата одлука конечно да изградиме систем, стратегија и однос што ова богатство ќе го претвори во респектабилна индустрија.
Денес уште поубедливо гледаме дека македонскиот талент не е минлива појава, туку постојана струја. „Црно семе“, „Македонска крвава свадба“, „Јад“ и многу други одамна ги поставија темелите. „Пред дождот“ го отвори патот за македонскиот филм кон светот. „Медена земја“ го достигна врвот со двојна оскаровска номинација и јасно покажа дека македонската приказна не застанува, туку, напротив, може да стане светска без компромиси. Филмови како „Мајка“ на Теона Митевска го продолжија тој тренд со силни фестивалски реакции и критички пофалби. „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ни донесе редок успех – влез во Санденс, награди и меѓународна дистрибуција. А „Јон Вадрар и Галаксијата“ докажа дека и анимацијата има свое место кај нас, доколку ѝ се дадат простор и визија.
Македонија не е земја без култура. Напротив, Македонија е земја што многупати се истакнала на светската сцена со дела, имиња и наследство што ги надминуваат локалните рамки. Нашите народни песни, преку ансамблот „Танец“, повеќе од половина век сведочат за македонската култура и традиција. Уште порано, токму од Македонија потекнува една од најстарите иконописни традиции на Балканот – школите од Охрид, Зрзе и Трескавец, со творби што се изучуваат во светски академии по уметност. Кој во светот не чул за нашиот феноменален пијанист Симон Трпчески? Каде ли ќе продолжеше кариерата на вонсерискиот Тоше Проески ако, за жал, не го загубевме толку млад?
Нашата земја е дом и на уникатни културни споменици: манастирот „Свети Наум“, „Света Софија“, „Свети Јован Канео“, Плаошник и Перивлепта, па Самуиловата тврдина и куќата на Робевци во Охрид, хераклејските мозаици во Битола, црквата „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези – вековен предвесник на ренесансата, мегалитската опсерваторија Кокино, се само дел од наследството што ја поставува Македонија високо на културната карта на Европа.
Кога ќе се погледне сето ова, станува јасно дека проблемот не е во талентот, ниту во традицијата, ниту во креативниот потенцијал. Проблемот е во системот, инфраструктурата, навиките и односот кон уметноста. Нашите уметници често се оставени сами на себе: режисерот е и продуцент и менаџер; музичарот сам си е издавач и пиар. Наместо да создаваат, тие преживуваат. И токму затоа секој успех изгледа како чудо – не затоа што е недостижен, туку затоа што е постигнат без услови.
Затоа, за да постигнеме вистински развој, мора да признаеме: културата не може да живее само од аплауз. Ниту од желба. Ниту од талент. Потребни се поддршка, озаконет пазар за нејзино пласирање, почит кон авторството и инфраструктура што ќе дозволи талентот да стане професија, а не само страст.
Талентот расте, но ќе пораснеме ли и ние со него? Или ќе продолжиме да се чудиме на проблем чиј одговор одамна стои пред нас – јасен, гласен и болен.

































