Фото: ЕПА

Највисокиот апелациски суд во Франција, Касацискиот суд денеска ја потврди пресудата за незаконско финансирање на кампањата против поранешниот претседател Никола Саркози.

Касацискиот суд во Париз пресуди дека понискиот суд бил во право што го осудил за незаконско финансирање во неговата неуспешна кампања за реизбор во 2012 година. Тој сега ќе отслужи шестмесечна затворска казна, веројатно со електронска нараквица – oбјави „Ле Монд“.

Саркози, кој беше претседател во еден мандат од 2007 до 2012 година, се соочи со низа правни предизвици откако ја напушти функцијата. Случајот што се разгледуваше денеска се фокусираше на обвиненијата дека десничарската партија на Саркози работела со фирма за односи со јавноста, Бигмалион, за да ја скрие вистинската цена на неговиот обид за реизбор во 2012 година. Обвинителите рекоа дека Саркози потрошил речиси 43 милиони евра на неговата кампања во 2012 година, речиси двојно повеќе од дозволената сума од 22,5 милиони евра.

За разлика од лицата кои беа обвинети со него, тој не бил инволвиран во системот на двојно фактурирање што се користел за покривање на трошоците, но бил повикан на одговорност како корисник на незаконското финансирање на кампањата во својство на кандидат.

Саркози негираше „каква било кривична одговорност“ во случајот, осудувајќи го обвинението како „лага“. Понискиот апелациски суд во февруари минатата година ја потврди неговата пресуда во случајот, но тој повторно се жалеше до Касацискиот суд.