Фото: ЕПА

РАКОМЕТ

  • Трите првопласирани селекции од секоја група ќе играат во главната групна фаза на Светското првенство

Со натпреварите Германија – Исланд и Шпанија – Парагвај (двете од 18 часот) денеска почнува 27. Светско првенство (СП) за ракометарки, кое ќе се игра во Холандија и во Германија и ќе трае до 14 декември, а на кое ќе настапат вкупно 32 репрезентации.
Титулата светски првак ја брани селекцијата на Франција, која на претходното планетарно првенство, одиграно во 2023 година, во финалето ја совлада репрезентацијата на Норвешка со 31-28. Во првото коло денеска играат и Србија – Уругвај и Црна Гора – Фарски Острови (двете средби се од 20.30 часот).
Најтрофејна репрезентација на планетарните шампионати е Русија со седум златни и по две сребрени и бронзени медали, втора на таа табела е Норвешка со четири титули, пет сребрени и три бронзени медали, а трета е Германија со по четири злата и бронзи.
Двојки, прво коло: група А, утре (во Ротердам): Данска – Јапонија, Романија -Хрватска. Група Б, утре (Хертогенбош): Унгарија – Сенегал, Швајцарија – Иран. Група Ц, денеска (Штутгарт): Германија – Исланд, Србија – Уругвај. Група Д, денеска (Трир): Шпанија – Парагвај, Ц. Гора – Фарски Острови. Група Е, петок (Ротердам): Холандија – Аргентина, Австрија – Египет. Група Ф, петок (Хертогенбош): Франција – Тунис, Полска – Кина. Група Г, утре (Штутгарт): Шведска – Чешка, Бразил – Куба. Група Х (Трир): Ангола – Казахстан, Норвешка – Јужна Кореја.
Трите првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во главната групна фаза на Светското првенство, а четвртопласираните ќе играат во Претседателскиот куп. Во главната рунда ќе има четири групи со по шест селекции, а првопласираните две од секоја група ќе настапат во четврт-финалето (во Дортмунд и во Ротердам). Финалниот дуел и натпреварот за третото место ќе се игра во Ротердам. Г.И.