Европската Унија се наоѓа пред најкрупниот предизвик што ќе го означи правецот по кој таа ќе се движи во иднина, односно дали ќе стане силен кредибилен фактор на светската политичка сцена или, пак, внатрешно ќе се дефрагментира до таа мера што повеќе нема да се говори за никаква унија, туку за некакви лабави сојузништва преку кои секој ќе си ги реализира своите интереси.
Унијата сега е токму во таа фаза, кога од нејзината решителност и доследност на европските принципи ќе зависи дали ќе преживее и ќе стане силна или, пак, ќе влезе во фаза на раздружување, по што целосно ќе исчезне од глобалната сцена, нешто како Југославија.
За да не се случи тоа, од круцијална важност е да се заокружи процесот на проширување, односно да се утврдат европските граници и сета енергија понатаму да се насочи кон внатрешната кохезија.
Од изјавите на многу европски челници може да се насети дека ЕУ е свесна во која насока одат работите и дека актуелната европска конструкција не изгледа стабилно, но се чини дека внатре во тој руиниран објект сѐ уште има некои либерални кругови што и натаму ги штемаат потпорните столбови така што продолжуваат да заговараат конфликтни европски политики, кои најмалку ѝ одат во прилог токму на Европа. Имено, во истиот ден кога беа објавени точките од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на конфликтот во Украина, со што на големо изненадување се согласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, особено откако избувна големата корупциска афера поврзана со луѓе блиски до него, повторно од некои политичари од Брисел се слушнаа изјави од типот дека Европа имала план со кој се предвидувало да се ослабне Русија, а да се поддржи Украина.
Значи, нема никаква дилема дека Украина беше цел на отворена руска агресија и се соочи со разорни уништувања, но ништо од тоа немаше да се случи ако истите тие либерални кругови не ги минираа првичните обиди за смирување на ситуацијата веднаш по избувнувањето на конфликтот. И тогаш беа побарани истите отстапки од Украина, можеби дури и нешто помалку, со тоа што ако тогаш се реализираше мировниот план во Истанбул, немаше украинската територија и народ да се искористат како еден голем воен полигон, нешто слично што ѝ се случило на Македонија за време на Првата светска војна. Тогаш на македонска територија се случуваше судирот меѓу силите на Антантата и Централните сили, се уништуваа македонски села, страдаа македонски цивили. И ден-денес се вадат артилериски гранати и муниција од тој период низ целата земја, а македонскиот народ бил жртва на асимилаторските политики така што бил принудуван да војува за туѓи интереси, со уверување дека тоа го прави за да дојде до своја македонска држава.
Нејсе, оној што бил паталец низ историјата точно знаеше што се случува во Украина сиве овие години и сочувствуваше со украинскиот народ.
И сега, откако се уништи една цела држава, кога американскиот план предвидува мир и забрзана интеграција на Украина во ЕУ, некои европски кругови како и натаму да продолжуваат да роварат и да посакуваат планот на Трамп да не успее, за да може уште да работи воената машинерија и да продолжат страдањата на луѓето.
Затоа е потребно разумните европски политичари конечно да расчистат со милитаристичката демагогија и да се свртат кон работите што се важни за Европа. Приоритет број еден е да ѝ се стави крај на војната на европско тло, а следен чекор да биде забрзана интеграција на сите земји кандидати, со што целосно ќе се заокружи европската приказна. Ниту една земја кандидат не страда од тоа дали во прв момент ќе има право на вето или еврокомесар, туку сите сакаат само потврдена европска перспектива. Со брзото зачленување со ограничени права дефинитивно се потврдува европската перспектива, ЕУ ќе може преку контролните механизми подлабоко да ги скенира состојбите во секоја земја и да притиска тие да се отстрануваат ако земјите сакаат поголем дел од европскиот финансиски колач. Во такви услови, дури и самите општества ќе ги притискаат сопствените власти да работат чесно и да создаваат услови за живот слични со оние во европските земји, што впрочем е главната водилка зошто секој сака да биде дел од европската приказна. Дополнително, сите билатерални прашања ќе можат да се разгледуваат во далеку порелаксирана атмосфера, ќе исчезнат антагонизмите што се создаваат меѓу некои земји и нивните граѓани, а ЕУ ќе почне да добива на сила така што сета енергија ќе ја насочи кон економски раст наместо кон милитаризација.
Во една таква ситуација Македонија како држава треба да биде мудра и да не носи избрзани одлуки, нешто слично како што беше со промената на името, за по неполни две години и самите Грци да признаат дека ако не сме го сменеле името, повторно ќе сме биле примени во НАТО поради геостратешки причини. И додека го признаваа тоа, таму седеа истите оние што ги погазија резултатите од референдумот, на кој македонските граѓани јасно ставија до знаење дека промената на името не треба да се случи.
Сега од геостратегијата зависат сите процеси на кои сведочиме, а факт е дека големите сили, без оглед колку да мислиме дека се конфронтирани, меѓусебно се договараат за она што е нивна сфера на интереси. Така било и така ќе биде и во иднина. Проблемот е што Европа никаде ја нема во овие процеси, па затоа е подобро таа да почне да ги реализира оние работи што зависат од неа. Нека заврши со проширувањето, паралелно нека почне со внатрешните реформи, нека се ослободи од ветата и внатрешните блокади, нека се насочи кон економски развој, нека ја проектира новата европска инфраструктура, нека обезбеди стабилна енергетика и конечно нека почне да личи на вистинска унија, која ќе дејствува како еден силен глас, а не како распашана команда. Оваа Европа дејствува баш како ова второво, секој си влече како што нему му одговара, без оглед дали ги опструира европските планови.
На крајот, Европа има шанса најпрво да му даде шанса на мирот, а потоа да се врати на сопствените фундаменти, поради што беше толку идеализирана и посакувана од сите. Не е доцна, нека почне веднаш со проширувањето, другото само ќе си дојде.

































