Со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, Судот цени дека не се загрозува уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство. Јавните обвинители земаат плата којашто одговара на нивниот статус, улога и дигнитет и нивната материјална состојба и сигурност не се загрозени како што се тврди во иницијативите бидејќи тие влегуваат во групата јавни функционери кои примаат највисоки плати во државата.
Со ова образложение Уставниот суд во мај минатата година го отфрли ги отфрли иницијативите за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и за платите на членовите на Советот на јавните обвинители поднесени од Владата на Димитар Ковачевски, а усвоени од Собранието, иницијативи кои беа поднесени од Здружението на јавните обвинители и Советот на јавните обвинители.
Судот цени дека намалувањето на коефициентите е извршено врз основа на закон, што значи дека се неосновани наводите дека се прави упад во судската власт бидејќи Собранието е надлежно да ги носи законите.
– Со конкретното намалување на коефициентите за пресметка на плата, Судот смета дека не е влошена ниту загрозена материјалната сигурност на јавните обвинители бидејќи тие и понатаму влегуваат во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во земјата. Намалувањето на коефициентот за пресметување на платите на јавните обвинители е извршено врз основа на закон, во јавен интерес, заради справување со последиците од економската и финансиската криза во земјата. На тој начин се остваруваат заштеди во Буџетот на Република Северна Македонија со што се овозможува пораст на платите на државната и јавната администрација и на пензиите, кои растат со многу побавно темпо споредено со платите на избраните и именуваните лица – стои во образложението на одлуката на Уставниот суд.
Врз основа на наведеното, Судот цени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија со начелото на владеење на правото и поделбата на власта од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, како и со принципот на самостојност и независност на јавното обвинителство согласно став 1 член 106 од Уставот.
– Со тоа што и понатаму останува во сила законската одредба според која основица претставува просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, се овозможува наредната година платите на јавните обвинители да пораснат, така што мерката има темпорален карактер и не ги замрзнува платите на јавните обвинители на неопределено време. Како што наведовме и погоре, и со намалените коефициенти, платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители и понатаму се соодветни на општествениот статус и на угледот на јавнообвинителската функција, бидејќи тие се на ниво на највисоките плати во јавниот сектор, така што не може да се каже дека засегнатите лица со оспорените одредби, јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, поради намалените коефициенти на нивните плати се изложени на прекумерен товар – се вели во образложението на одлуката на Уставен.
Наводите во иницијативите за ретроактивно дејство на Законот, според Судот, се неосновани од причина што двата оспорени закони се донесени и објавени на 29 февруари 2024, и се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година.
Со овие законски измени беа намалени коефициентите за пресметување на плата на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители просечно за 0.5.
Со оспорениот закон за измени на Законот за платите на јавните обвинители, намалени се коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители и тие сега изнесуваат од 2,43 до 3,21 за разлика од претходно, пред измената, кога изнесувале од 2,8 до 3,7 што изнесува намалување од 13%. Исто така, со оспорениот закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители намалени се коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот и тие сега изнесуваат: за претседател на Советот е намалена на 3.47 за разлика од претходно пред измената кога изнесувале 4.0, на заменик на претседател на Советот на 3.21 од 3.7 и членовите на Советот на 3.21 од 3.7.
Собранието на 29 февруари 2024 година изгласа измени на шест закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Со тоа на околу 1 060 функционери, меѓу кои и шефот на државата, пратеници, министри, судии, јавни обвинители, членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители им се запира растот на платите, така што се намалуваат коефициентите по кои се пресметуваат, но без одземање на покачувањето од 78 отсто на платите што пред една година го добија.
Донесувањето на законите беше резултат на реакциите во јавноста по зголемувањето на платите на функционерите до што дојде по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд од 21 март 2023 година, како последица на која платите на избраните и именуваните лица беа практично „одмрзнати“ што доведе до тоа платите на сите избрани и именувани лица, вклучително и на судиите и јавните обвинители во 2023 година да пораснат за 78%.
Здружението на јавните обвинители, преку неговиот претседател Елвин Вели и Советот на јавните обвинители, преку неговиот претседател Душица Димитриеска, до Уставниот суд минатата година поднесоа одвоени иницијативи за оценување на уставноста на законите за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители.
Подносителот на иницијативата укажува дека со измените на Законот за платите на јавните обвинители бил повреден принципот на правната сигурност и предвидливост и легитимните очекувања кои се утврдени со закон.
Се наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на правосудните органи, преку правно недозволено намалување на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители како самостојни државни органи.


































