фото: Приватна архива

По долги години настапи и работа во странство, музичарот Џими Роџерс алијас Владо Поповски, за пријателите Лаци, одлучи албумот на кој моментално работи да го отпее на македонски јазик. Снимени се веќе три нумери во разни студија, кај нас и во Австрија, каде живее долги години со семејството.

По обработката на култната песна „Скитник“ на Јаков Дренковски, која Лаци ја донесе на автентичен начин, тој ги сними и песните „Како во приказна“ и „Под ѕвездиве“.

Скопската публика одлично реагираше на новите мелодии, на концертот што Џими Роџерс, го одржа на 17 ноември, а го придружуваа и Џоле Максимовски на бас и Павел Ренџов на тапани.

Вечерва триото настапува во култниот битолски клуб „Порта џез“, а концертот почнува во 20 часот.

Минатата година Џими и неговиот колега од Германија, гитаристот Емдрју Харисон, одржаа концерт во Македонска филхармонија, на кој го промовираа инструменталниот албум „Вагабундо“.

Како што вели самиот со албумот кој ќе биде снимен на македонски јазик, што планира да го промовира следната година, Лаци исполнува една своја голема желба, во неговата музика што повеќе да ужива и публиката во неговата родна Македонија.

М.Т.