За научниот опус на академик Јордан Поп-Јорданов

Науката или е светска или воопшто не е наука. Вака започнува филмот на Македонската телевизија, насловен „Три животи“, во кој се прикажува грандиозното и светско дело на академик Јордан Поп-Јорданов – над 300 научни и стручни труда, објавени главно во меѓународни научни списанија и монографии, кои можат да се групираат во следните три области: енергетика и одржлив развој, невронаука и филозофија и наука.
Во меѓународните списанија се вбројуваат и најпрестижните, како „Renewable and Sustainable Energy Reviews“ и „Еnergy“ на Елсевиер, „Clean Technologies and Environmental Policy“ на Спрингер, но и „Journal of Psychophysiology“, „Thermal Science„, „Journal of Physics“, „International Journal of Green Energy“ и многу други.Почетоците на истражувањата поврзани со енергетиката ги прави во теоријата на нуклеарните реактори и нерамнотежната статистичка физика, каде што посебно се занимавал со проблемот термализација на неутроните. Ова истражување резултира во светски познатиот метод што го носи неговото име, „метод на Поп-Јорданов“.
Понатаму, предмет на неговите истражувања се ризиците од енергетски технологии и холистичкиот приод на процена со земање предвид на психосоматските ризици. Придонесот од овие истражувања повторно е методолошки, со тоа што Националната академија на науките на САД прифатила модификација на Парадигмата за процена на ризици (НАС парадигма) со вклучување и на психосоматските ризици.
Третата теоретска линија на неговите истражувања во областа на енергетиката се однесува на примената на квантната теорија во материјалите за соларни ќелии и доведува до откривање нови квантни состојби во тенките филмови, т.н канализирани состојби, кои овозможуваат повисока ефикасност на ќелијата.
Голем број трудови на академик Поп-Јорданов се од областа на одржливиот енергетски развој, вклучително и обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, каде што со примена на методите и моделите за енергетско планирање се создава база на знаења во функција на енергетските стратегии и политики во македонски услови. Резултатите помагаат да се одговорат многубројни прашања во врска со различните аспекти на поголемиот пробив на обновливи извори на енергија во енергетскиот систем, можностите за примена на соларна и ветерна енергија во различни сектори, како и електрификацијата на транспортниот и на топлинскиот сектор. Така, иако енергетската транзиција како термин не постоела во времето кога тој ги создавал овие резултати, академик Поп-Јорданов слободно може да се нарече и предвесник на енергетската транзиција, или ако се искористат неговите зборови „сѐ што во науката е откриено, некој поет претходно го сонил“. Може да се каже дека Поп-Јорданов е поетот што ја сонил македонската енергетска транзиција.
Конечно, во областа на енергетиката и одржливиот развој, значајни се и неговите резултати во истражувањата поврзани со климатските промени на домашен и на меѓународен план, презентирани во трудови во кои се врши економска и околинска оцена на мерките за ублажување на климатските промени, како и група трудови што се фокусирани на нискојаглеродните развојни патеки на националните и регионалните енергетски системи.
Во областа невронаука, својот придонес го остварува преку примената на методи од квантната динамика за проучување на мозочните осцилации и когнитивните процеси и воведува нов пристап за утврдување на средната фреквенција на ЕЕГ-спектарот (brain-rate). Преку објавените научни трудови се покажа дека овој параметар може да се користи како прелиминарен показател за нивото на општата ментална активација (arousal) при различни ментални состојби.
Во областа невронаука спаѓаат и резултатите поврзани со новововедените „ментални индикатори“ (mind indicators) во метриката за одржлив развој. Имено, соодветните индикатори поврзани со когнитивните, емоционалните и моралните капацитети се претставени во стандардната шема притисок-состојба-одговор со цел метриката за одржлив развој да добие капацитет да ја земе предвид и професионалната ентропија внесена преку притисокот од прекумерни информации, стрес, како и други социјални девијации.
Во своето научно творештво, Поп-Јорданов останува верен на филозофијата проучувајќи ги нејзините онтолошки, гносеолошки и аксиолошки компоненти во современите физички и технички науки. Во голема мера се занимава и со улогата на науката и тхнологијата за остварување одржлив развој, како и научната одличност како навигатор во евроинтегративниот процес. Воведува т.н. негентропски концепт на одржливоста заснован на тријадата знаење-етика-правовременост, што имплицира јакнење на професионализмот и компетентноста, наспроти медиокритетството, партизацијата и корупцијата и повик „да се зголеми влијанието на мудрите и мудроста на влијателните“.
Понатаму, предмет на неговите истражувања во оваа област е и улогата на декарбонизацијата како еден од клучните предизвици за сигурното снабдување со енергија во дваесет и првиот век и посочува на тријадата ефикасно–доволно–обновливо која ги трасира патеките на декарбонизацијата.
Има уште многу да се зборува за делата на акад. Јордан Поп-Јорданов. Четирите тома од негови Избрани трудови, приредени од Македонската академија на науките и уметностите по повод 90-годишниот јубилеј, се сведоштво за тоа, но повторно, и тие се збирка на само „избрани“ трудови. Го завршувам овој осврт онака како што заврши филмот „Три животи“, со неговите зборови за тоа што претставува научното и уметничкото творештво: „Научното и уметничкото творештво е и среќа и коб – смисла на постоењето. Но таа смисла станува бесмислена без човечка топлина, толерантност и разбирање. Без срце на дланка“.