Претседателката на новото македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ – Албанија” со седиште во Тирана, Елена Симонофски, по отворањето на новата канцеларија, го оценува како огромна чест и длабока емоција, додавајќи дека „ќе биде дом на силата, гласот и срцето на сите Македонци што живеат на овие простори”.
-Нашата мисија е јасна: да го зачуваме и унапредиме македонскиот идентитет, да го негуваме јазикот и културата, да ги обединиме нашите луѓе каде и да живеат, создавајќи платформа која ќе нè поврзува. Да бидеме едно семејство – македонско по дух, силно по корени, гордо по традиција – наведува таа во објава на Фејсбук.
Особена благодарност изразува до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за „неговата искрена подадена рака, несебична поддршка што ја дава во зачувувањето, унапредувањето и промовирањето на нашето национално богатство”.

-Искажувам посебна благодарност за признанието што ни го укажа со неговото присуство на промоцијата и отвaрањето на нашето здружение. Тоа за нас не е само протокол — тоа е симбол на заедништво. Симбол дека Македонија не заборава никого, дека секој Македонец, без оглед на границите, е дел од едно исто национално тело – посочува Симонофски.
Во присуство на голем број Македонци од сите делови на Албанија, вчера премиерот Мицкоски присуствуваше на свеченото отворање на новата канцеларија на здружението.
Овој, како што го нарекува, историски момент, го поздрави и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа” и поранешен градоначалник на Општина Пустец.
-Отворањето на здружението „ВМРО-ДПМНЕ-Албанија“ во Тирана претставува нова страница за сите Македонци во Албанија. Благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката и присуството – тоа значи многу за сите нас. Македонија е една, каде и да сме – напиша Темелко.





































