ПЛИВАЊЕ

Марко Блажевски (33), едно од најголемите пливачки имиња на Македонија и олимпиец, е примен во „Куќата на славните“ на Универзитетот „Вингејт“ во Северна Каролина (САД), за кој настапуваше додека студираше во САД. При претставувањето на Блажевски како нов член на оваа институција, пред сѐ беа истакнати неговите заслуги во националниот тим на Македонија. Блажевски ги бранеше боите на Македонија на Летните олимписките игри (ЛОИ) во 2012 и во 2016 година, а во 2012 година го носеше знамето на Македонија на церемонијата на отворањето.
– Чест ми е што сум примен во „Куќата на славните“ на Универзитетот „Вингејт“. Дојдов во „Вингејт“ како 17-годишник, а си заминав како возрасен со појасна визија за тоа што сакав да постигнам во животот. Благодарен сум им на моите тренери Кирк Саноки и Ден Кеслер, на моите сопливачи и на моите професори за обликувањето на тоа патување и за поддршката по патот на успехот. Ова признание е одраз на сите тие луѓе и на посебната заедница во „Вингејт“ – рече Блажевски при доделувањето на признанието, пренесе интернет-страницата на „Вингејтбулдогс“.
Блажевски имаше неверојатна кариера во „Вингејт“, беше трикратен национален шампион и 16 пати т.н. Ол-Американ, освојувајќи 12 трофеи во првиот тим. Тој победи на трката на 400 мешано во 2011, 2012 и во 2014 година. Беше трикратен добитник на наградата за првиот тим на Академскиот Ол-Америка. Блажевски ги предводеше „Булдозите“ до четири титули во низа на конференцијата „Блуграс Маунтин“, освојувајќи девет титули на БМЦ, заедно со четири втори места. Со „Булдозите“ стигна до четири последователни национални пласмани меѓу првите 10, вклучувајќи две последователни петти места во 2011 и 2012 година, пишува „Вингејтбулдогс“.
Покрај Блажевски, уште седуммина нови членови од различни спортови беа примени во „Куќата на славните“ на Универзитетот „Вингејт“. Г.И.