ЏУДО

  • Горди сме на нејзиниот успех, кој е успех и за македонското џудо, и со нетрпение ги очекуваме новите предизвици во 2026 година, велат од ЏФМ

Македонската џудо-судијка Катерина Николоска викендов беше дел од гранпри-турнирот во Загреб (Хрватска), како дел од турнејата на Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ). На овој престижен турнир учествуваа повеќе од 400 натпреварувачи од целиот свет. Николоска повторно беше одлична, со извонредно и прецизно делење на правдата. Секој ден судеше во финалниот блок, што е огромна чест и признание за нејзиниот труд. За Николоска ова беше уште еден значаен турнир во рамките на светската турнеја годинава, со која ја заокружи судиската сезона со две големи достигнувања, стана дел од светската судиска ИЏФ-турнеја и го судеше своето прво Светско првенство.
Исто така, таа годинава правдата ја делеше и на два од четирите големи настани организирани од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), а тоа беа Европското кадетско првенство и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје.
– Горди сме на нејзиниот успех, кој е успех и за македонското џудо, и со нетрпение ги очекуваме новите предизвици во следната 2026 година – велат од ЏФМ. Г.И.