Љупчо Давчев
Ова Скопјево полека прераснува во балканска џез-престолнина. Заслугата за тоа, секако, е на „Скопскиот џез-фестивал“ и на целата таа екипа околу него, но и на сите оние мали клупчиња и групи што свират џез, а можеби најбитната, најголема заслуга му припаѓа на Македонскиот национален џез-оркестар (МНЏО), кој еве веќе еден период неуморно работи и како самостојна група, но и како поддршка на поголеми светски џез-имиња. Секоја чест. Како потврда на тоа беше и концертот на џез-фјужн групата од Лос Анџелес, „Јелоу џекетс“. Група што работи повеќе од 45 години, за тоа време издавајќи над 20 албуми, концерти по целиот свет, награди „греми“, најдобар џез-фјужн албум, група на годината според специјализирани џез-изданија. Е таа група, составена од четворица музичари (пијано, тапани, бас и саксофон), дојде во Скопје каде што со поддршка од МНЏО ја воодушеви скопската публика. Салата на Македонската опера и балет беше преполна. Од една страна исчекување и напнатост на лицата од публиката, а од друга страна музичарите ведри и насмеани, сигурни во себе, се гледа дека искуството не им дозволува ни трошка трема. По првата песна публиката се ослободува, се гледа по начинот на ракоплескање, подвикнување, станување од седиштата да игра. Си течат песните, една по една, некои се нивни композиции, некои се преработки на џез-композитори, меѓу кои и на големиот Мајлс, „Mile High“, „Imperial strut“, „Revelation“, „One day“, „Dewey“…
Следуваа долги солирања на неверојатните музичари од „Јелоу џекетс“, но и на членовите на МНЏО. Толку беа добро усогласени што звучеа како со години да свират заедно. Еден час и некои 20 минути сосе бисот поминаа во еден миг. Прекрасен концерт, кој веројатно на некој што првпат доаѓа на џез-концерт ќе му отвори посебни видици, посебни приказни, посебни места во неговата глава, која е навикната на некој друг тип музика.

































