Фото: МКФ

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027

  • Капитенката Митрашиновиќ по дуелот со Грција влезе во историјата на македонската кошарка според бројот на постигнати поени, 419 на 33 средби, со што го надмина досегашниот рекорд на Моника Гавриловска, 403 поени на 28 меча

Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија го забележа првиот пораз во вториот меч во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година (група Ф), откако во СРЦ „Кале“ во Скопје загуби од Грција со 84-101 (23-23, 16-36, 20-22, 25-20). Македонките имаа одлична прва, трета и четврта четвртина, но како решавачка се покажа втората. Македонија во првото коло ја победи Данска.
Во второто коло изненадувачки на гости Данска славеше на дуелот со Хрватска, со 89-77, и сега сите четири репрезентации од групата Ф имаат по една победа и пораз.

Третото коло од овој прв циклус Македонија ќе го игра утре на гости во Славонски Брод против Хрватска, која е учесник на седум ЕП, а еднаш настапила и на ЛОИ (во 2010 година), а Данска на свој терен ќе ја дочека Грција. По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните одат во вториот дел од квалификациите за место на ЕП 2027.
– Честитки до мојата екипа, која покажа голем карактер, особено во третата четвртина кога се враќаше од длабок минус и ниту еднаш не се предаде. Честитки и до публиката, се надевам дека ќе има сѐ повеќе народ на трибините, како и за малите девојчиња, кои добиваат шанса и во кошаркарките гледаат идоли. Сега нѐ очекува дуелот со Хрватска. Ништо не е решено, ќе играме максимално, па зошто да не успееме да изненадиме и да дојдеме до резултат од 2-1. Овој тим веќе трет циклус е заедно, младите растат, може да играат со сите и нема предавање на секој меч. Горд сум и чест ми е што сите демонстрираа такво нешто на стартните два меча – вели селекторот Александар Ашаданов.

Капитенката Анџелика Митрашиновиќ ја предводеше Македонија со т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории), со 23 коша и 10 додавања, а имаше и девет скока и четири украдени топки. Илина Селцова уфрли 19, Мерит Хемпе 16, Александра Стојановска 11, Ивана Кметовска 10 поени итн. Кај јужниот сосед, најефикасно беше крилото Елена Кристинаки со 23 поени.

Митрашиновиќ влезе во историјата на македонската кошарка според бројот на постигнати поени, 419 на 33 средби, со што го надмина досегашниот рекорд на Моника Гавриловска, 403 поени на 28 меча.
– Нормално дека ми е драго кога ќе го чујам тоа, иако досега, не ни помислив за вакво нешто. Сепак, тоа е еден огромен успех на личен план. Не сум навикната да зборувам за себе, подобро е другите да кажат, да оценуваат, да коментираат – рече Митрашиновиќ.

Овој натпревар ќе остане запаметен и по тоа што своето деби во сениорската селекција го имаше Теа Трајковска (15). Членката на скопски Вардар се најде во составот за овој меч, на кој одигра малку повеќе од три минути, со што влезе во историјата на македонската женска репрезентативна кошарка како една од најмладите што настапиле во сениорскиот состав. Г.И.