- Веќе сме сѐ поприсутни на победничките пиедестали, што е добар показател за подемот на македонското џудо, особено во оваа возрасна група, вели тренерот на Миоки, Паскоски
Македонското џудо постигна голем успех на европскиот куп „Џудо-надежи“, кој се одржа во летонскиот град Рига, во конкуренција на 289 натпреварувачи од 20 земји. Емилија Паскоска (во тежинската категорија до 44 кг) првпат освои златен медал по двете бронзи во Сараево (БиХ) и во Ѓер (Унгарија) сезонава, а Виктор Трчков (до 60 кг) се закити со бронза, што е негов прв медал на натпревар организиран од Европската џудо-унија (ЕЏУ).
Тие претходно со одлични борби сe пласираа во финалниот блок. И двајцата се репрезентативци на Македонија, членови на џудо-клубот Миоки од Скопје и беа единствените што ги бранеа боите на Македонија на ова натпреварување, предводени од тренерот Игор Паскоски.
– За разлика од претходните ЕЏУ-купови на кои настапивме во оваа натпреварувачка година, ова беше натпревар со помал број учесници, можеби затоа што е последниот Куп од европската џудо-турнеја, но, сепак, тоа не ги намалува важноста и вредноста на освоените медали. Ова се значајни медали, како за нашите репрезентативци така и за македонското џудо воопшто. Веќе сме сѐ поприсутни на победничките пиедестали, што е добар показател за подемот на македонското џудо, особено во оваа возрасна група. На овој куп, Емилија го освои првото злато за Македонија на еден ваков натпревар, што е многу охрабрувачки, како за нас тренерите така и за другите наши џудисти – ни изјави тренерот на ЏК Миоки, Игор Паскоски. Г.И.
































