Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ е врвна установа во нашата држава во оваа област. Со заеднички заложби со раководството во континуитет работиме на унапредување на условите за оваа специфична категорија пациенти“, порача министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на првата меѓународна конференција за геријатриска и палијативна медицина со меѓународно учество, која се вчера се одржа во Скопје, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Министерот Алиу потсети дека во изминативе неколку месеци оваа установа е зајакната со стручен кадар, односно дека се вработени вкупно 48 лица, од кои 23 негуватели, 22 хигиеничари, двајца возачи и еден лаборант.
– Во моментов, еден доктор е упатен на специјализација по интерна медицина и двајца доктори специјалисти на супспецијализација по геријатриска медицина. За следната година се планирани уште две супспецијализации по геријатриска медицина – рече министерот Азир Алиу.
Тој истакна дека за оваа специјализирана болница е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се eлектрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав – воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.
– Како министер за здравство сакам да креирам политики базирани на податоци и на потреби. Како што популацијата и демографијата се менуваат, така со менувањето на граѓанинот треба да се менува и инфраструктурата на здравството. Така што ќе креирам и понатаму политики кои се потребни за оваа популација и развој на инфраструктура која е потребна – рече министерот Азир Алиу.































