Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Централниот комитет на ВМРО–ДПМНЕ вчера одржа седница на која беа донесени повеќе значајни одлуки поврзани со подготовките за претстојниот редовен партиски Конгрес, закажан за 6 декември во Кавадарци.

– Беше донесена одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот. На Конгресот ќе учествуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа беше формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот – се наведува во соопштението од ВМРО–ДПМНЕ.

На Централниот Комитет била донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Исто така била донесена одлука за разрешување на Гоце Стоиловски од местото претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица.

На Централниот Комитет станало збор и за резултатите од последните локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и историски висока победа што претставува одговорност за работа и постигнување на резултати и ветеното пред граѓаните на Република Македонија.