Авторот на анализата, која во наредните денови ќе ја пренесуваме на страниците на „Нова Македонија“, во неколку продолженија се осврнува на предизвиците на акредитацијата како потврдување на студиските програми и евалуацијата како процена, вреднување и признавање на високообразовната установа и на студиските програми за вршење високообразовна дејност и одржување на квалитетот на високото образование. Анализата елаборира аргументи преку кои авторот тврди дека „акредитацијата е клучен сегмент на високообразовниот систем на секоја земја“…
Квалитетното високо образование на Република Македонија треба да биде компатибилно со балканските и европските земји и со нивна заемна соработка на тој план, од причини што дава профил и продукт за ангажирање и вклучување во општествените процеси на дејствување, односно во сите сфери: општествената дејност, економијата, технологијата, производството и другите сегменти на човековото дејствување.
Сообразувајќи се со општествено-демократските, научно-технолошките, економските и иновативните процеси, промени и движења во целокупниот општествен развој и напредок, тие условуваат и наметнуваат реформирање и иновирање на современата едукација на високостручните кадри.
Од анализата на многу студии кај нас, Европа и пошироко, високостручните и научни кадри претставуваат развоен ресурс за постојан развој и прогрес кој не може да се реализира без високостручни научни кадри. Наведеното укажува и потврдува дека предизвиците и барањето на времето, иновациите и другите нови тенденции треба да се прифатат и да одат во чекор со универзитетот – факултетот и институтите односно професорите, соработниците и студентите.
ВОВЕД
Квалитетот на високообразовните институции е приоритет на секоја европска земја, а во тие рамки и на Република Македонија.
Нашата држава има прекрасно едукативно тло, затоа што Македонија има длабоки културно-историски и педагошко-просветителски традиции уште од древното историско минато, уште од времето на словенските и македонски просветители и педагошки дејци Кирил и Методиј и Климент и Наум Охридски.
Имајќи ги предвид овие длабоки древни културно-историски традиции никнати на македонската почва и на македонското едукативно тло, се наметнува потребата од создавање современа високообразовна дејност во Република Македонија компатибилна со европскиот високообразовен систем.

Од горенаведеното се поставува прашањето зошто е потребно да се направат надворешни евалуации на универзитетите. Потребно е затоа што треба да се проверат и оценат, да обезбедат подобар квалитет во сите домени на своето дејствување на универзитетот, да се согледаат силните страни, како и слабите страни на акредитираните студиски програми, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично.
Квалитетот на високообразовните институции во секоја земја, како и во Република Македонија, се врши преку рангирање на високообразовните институции. Во Република Македонија тоа рангирање се правеше на секои две години, по барање на Министерството за образование и наука (МОН), па така во академската 2013/2014 година го изврши Шангајскиот универзитет „Џио Тонг“ (Shanghai Jiao Tong university) од Народна Република Кина, исто така и во 2015/2016 година го направи Шангајскиот универзитет, а беше објавeн во 2017 година. И од 2017 до ден-денес (2025 година) нема никакво рангирање по барање на Министерството за образование и наука во Република Македонија. Зошто, одговорите треба да ги дадат (според мене) некомпетентните поставени министри за образование и наука.
Ќе се обидам да истакнам некои мои ставови, анализи и мерки за вреднување на квалитетот на високото образование во Македонија, Хрватска, Бугарија и во Албанија од пред неколку години, кои се актуелни и ден-денес и нема никакви промени и подобрувања.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
(продолжува утре со: Мерки и критериуми за вреднување на квалитетот на високото образование во Република Македонија)

































