ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ
Борбени и неизвесни партии имаше во четвртото коло на третиот турнир, во класичен шах, на ветеранскиот шаховски фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“, кој во организација на ШКВ Скопје 72 се игра во седум кола во просториите на ШК Алкалоид. Вистинска драма беше видена на втората табла, каде што ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.965 рејтинг-поени, рангиран шести пред турнирот), во добиена позиција, непотребно го зеде понудениот пион на полето б3 и потоа во цајтнот-завршница го пречекори времето и загуби од Борис Јаневски (1.771, 14-ти), кој засега е најпријатното изненадување на турнирот и е во водство со 3,5 поени. На првата табла играа актуелниот победник на ланскиот турнир, Илија Стошевски (2.045, трет), и вицешампионот Тодор Андонов (2.076, втор). Андонов беше изненаден во отворањето и во сложена пешачка завршница направи превид, но имаше среќа и не беше казнет докрај, па партијата заврши со реми. Прворангираниот ФМ Јани Богоевски (2.144) полека влегува во форма, играше инвентивно и го надигра Миле Трајковски (1.894, седми). Се очекуваше голема борба помеѓу двајцата ФМ, Димитар Качаковски (1.982, четврти) и Александар Кралевски (1.982, петти), но Качаковски како да беше индиспониран и претрпе пораз. Другите резултати беа главно очекувани. На табелата по ова коло прв е Јаневски, а потоа со по три бода се Андонов, Стошевски, Богоевски, Кралевски и Цветковски. Г.И.

































