Полицијата во Босна и Херцеговина уапсила 12 лица во рамките на големата операција „Шкорпион“, во која е разбиена криминална група, која се занимаваше со трговија на оружје и шверцување луѓе, соопшти Обвинителството на БиХ.
Акцијата е спроведена во соработка со полицијата на Република Српска на подрачјето на Брчко и Биелина, а цел на акцијата беа лицата осомничени за кривичните дела од организиран криминал, трговија со луѓе, шверцување и недозволена трговија со оружје и воена опрема, пренесува Хина.
Меѓу осомничените е и активен полициски службеник на граничната полиција на БиХ, кој е под истрага за злоупотреба на службената положба и коруптивни активности.
Во оваа пригода полицијата пребарала 10 локации на поширокото подрачје на Брчко и Биелина каде што се пронајдени значително количество оружје и воена опрема како и шверцувана стока со голема вредност.
Во текот на истрагата се собрани докази дека организираната криминална група шверцувала оружје кон земјите на Европската Унија и дека учествувала во трговија со луѓе. Тие се осомничени и за нелегална трговија на производи од Србија кон БиХ.