Романија и Бугарија на сите можни начини се обидуваат да го одржат работењето на нафтените рафинерии во руска сопственост
- Одлуката на Вашингтон да ги стави „Лукоил“ и „Роснефт“ на црна листа ги доведе во криза земјите од ЕУ каде што се присутни двете најголеми руски нафтени компании, додека тие се борат да спречат прекини на снабдувањето со гориво пред санкциите да стапат во сила на 21 ноември
Романија и Бугарија се тркаат со времето за да спречат затворање на нивните стратешки важни нафтени рафинерии пред санкциите на САД врз нивните руски сопственици да стапат во сила подоцна месецов. Одлуката на Вашингтон да ги стави „Лукоил“ и „Роснефт“ на црна листа ги доведе во криза земјите од ЕУ каде што се присутни двете најголеми руски нафтени компании, додека тие се борат да спречат прекини на снабдувањето со гориво пред санкциите да стапат во сила на 21 ноември.
Во петокот, бугарските пратеници експресно одобрија нов закон што ќе ѝ се овозможи на владата да назначи менаџер (администратор со огромни овластувања) на огромната рафинерија „Бургас“ во земјата, во сопственост на „Лукоил“, давајќи им широки овластувања да преземат оперативна контрола врз објектот, да одобрат негова продажба и да ја конфискуваат доколку е потребно. На тој начин Софија би ги ескивирала американските санкции и со силата на новите законски прописи би го присвоила вредниот нафтен бизнис од „Лукоил“. Во меѓувреме, Бугарија бара изземање од санкциите.
Романија подготвена за сите сценарија, конфискацијата е опција исто така, но последна
Романија, која е дом на рафинеријата „Петротел“ на „Лукоил“, сè уште не донела формална одлука. Но Букурешт, исто така, размислува да побара одолжување на санкциите додека го подготвува својот одговор, рече висок владин функционер, кој побара анонимност за слободно да зборува. Конфискацијата на имот се смета за последна опција, нагласуваат романските владини претставници.
Сепак, романскиот министер за енергетика Богдан-Груја Иван изјави за „Политико“ дека Букурешт е оперативно подготвен за секое сценарио. Планот на владата ќе има цел да ја зачува „економската активност на Романија, но во исто време да престане да ја финансира Руската Федерација“, додаде тој.
Напорите за обезбедување ново сопствеништво за рафинериите беа дополнително доведени во прашање откако швајцарската трговска куќа „Гунвор“ во четвртокот ја повлече својата понуда за купување на меѓународните средства на „Лукоил“, по жестоката критика на понудата за продажба од страна на Министерството за финансии на САД, кое, како и Европската комисија, одбива да ја коментира тековната ситуација.
Различни последици по Бугарија и по Романија од евентуално затворање на рафинериите
Технички, обезбедувањето ослободувања или назначувањето менаџер поддржан од државата за рафинериите не треба да биде проблем. Сепак, најлошото сценарио, каде што рафинериите ќе престанат со работа, би се одвивало многу поинаку за двете земји.
За Бугарија, каде што рафинеријата во руска сопственост обезбедува до 80 проценти од потребите за гориво на земјата, затворањето би ја оставило Софија без резерви „до крајот на годинава“, рече Мартин Владимиров, виш аналитичар во аналитичкиот Центар за проучување на демократијата.
Во меѓувреме, објектот на Романија снабдува околу „20 проценти“ од горивото во земјата, според Ана Отилија Нуцу, аналитичарка за енергија во експертскиот центар „Експерт форум“. Затоа, затворањето би предизвикало благи зголемувања на цените во текот на неколку месеци, додека земјата брза да најде замена за увоз, истакна Нуцу, додавајќи дека евентуалното затворање би можело да го погоди извозот во соседна Молдавија.
Молдавската влада во петокот го изнесе својот предлог за купување на средствата на „Лукоил“ во земјата, вклучително и складиште за гориво за авиони, и рече дека исто така побарала од Вашингтон одложување на санкциите.
Михаил Крутихин, коосновач на консултантската компанија „Русенерџи“ и руски експерт за енергетската индустрија, се согласи дека објектите треба да можат безбедно да „продолжат со работа“ сè додека нивниот иден сопственик го задржи претходно постојниот персонал и вработи дополнителни експерти.
Обезбедувањето купувач е тешка задача
Вистинските предизвици допрва доаѓаат. Прво, обезбедувањето купувач нема да биде лесно. Двете рафинерии се „добро управувани“, рече еден поранешен извршен директор на „Лукоил“. Но наоѓањето фирма што е подготвена да ги преземе правните ризици поврзани со санкциите, скапите товари, високите премии за осигурување и постојаните инвестициски надградби ќе биде тешко.
Додека Владимиров ја процени вредноста на историски профитабилната рафинерија во Бугарија на 1,5 милијарда долари, романски „Петротел“ е помалку привлечен, според Нуцу. Објектот, кој имаше годишен обрт под 40 милиони евра во 2023 година, е преплавен со долгови и „потребни му се многу големи инвестиции“, посочува романската експертка.
Во меѓувреме, идната арбитража е исто така предизвик – особено поради преземањето од страна на владата. Бугарските пратеници ја усвоија првичната верзија на законот за запленување на рафинеријата за 30 секунди во петокот.
– Тоа брзо и целосно отсуство на нормална постапка доаѓаа со ризик од правење повеќе сериозни грешки. Сега тие имаат намера да му дадат на ова лице такви вонредни овластувања што, на крајот, „Лукоил“ ќе ја тужи Бугарија – а парите ќе завршат во Русија“ – рече Ивајло Мирчев, пратеник од опозициската Демократска Бугарија.
Наместо тоа, Нуцу рече дека одлуката за продажба на рафинериите мора да биде координирана на ниво на ЕУ, за да се спречат ризиците од заобиколување на санкциите на САД од страна на „Лукоил“.
Жигимантас Ваичиунас, министерот за енергетика на Литванија, се согласува. Што и да се случи, вели тој, Брисел треба да ги испита потенцијалните купувачи пред да се случи трансакцијата, со оглед на притаеното руско присуство.
– Европската комисија има права за следење. Во овој случај, треба да се испитаат сите можности – изјави Ваичиунас.
Новите мерки влијаат и врз други земји од ЕУ
Новите мерки влијаат и на другите земји од ЕУ. Германија доби шестмесечно ослободување од данок за својата рафинерија „Шведт“, во сопственост на „Роснефт“, која е под владина контрола од 2022 година. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот отпатува во Вашингтон со надеж дека ќе обезбеди ослободување од данок за увоз на руска нафта од цевководи за неговата земја и соседна Словачка.
Санкциите доаѓаат во време кога претседателот Доналд Трамп изрази незадоволство од застојот во напорите за обезбедување прекин на огнот во Украина. ЕУ, исто така, во последните месеци ја засили својата кампања за ставање крај на преостанатата зависност на блокот од Москва за снабдување со енергенти. Р.С.




































