По референдумот за независност од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември со кој се отфрли Преспанскиот договор, но кој беше погазен, на 19 октомври и 2 ноември 2025 година, на локалните избори, се случи уште еден исклучително значаен, ако можам така да го означам, референдум за „заедничка Македонија“, кој победи. Избирачите од различните етникуми со своето гласање за Александар Јовановски во Кичево, за Менди Ќура во Струга, за Јовица Илиевски во Брвеница, за Билал Касами во Тетово, за Орце Ѓорѓиевски во Скопје и за сите други градоначалници порачаа дека ја разбираат и ја бараат Македонија како заеднички дом за сите. Како заеднички дом во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање.
На овие локални избори не се поразени ниту Албанците, ниту никои други, туку политиките на поделби и продажби на идентитетот. Победничките партии истапија на овие локални избори со филозофијата дека „Македонија е заеднички дом за сите“. Избирачите од сите етникуми со начинот на кој гласаа покажаа дека ги прифаќаат и ги поддржуваат меѓуетничката филозофија и идеологија. Годинашниве локални избори во Република Македонија веќе добиваат белег на историски политички настан во поновата политичка историја на оваа држава, затоа што на нив победи филозофијата на соживотот, во ситуација кога ДУИ форсираше силна меѓуетничка поларизација на вкупното избирачко тело и гласање врз етничка основа.
Во Кичево значителен број Албанци гласаа за неговиот нов градоначалник Александар Јовановски, ја согледаа и ја поддржаа неговата мултиетничка насоченост кон сите граѓани на Кичево, без оглед кој е и од која национална припадност е. Особено е значаен поразот на филозофијата дека „Кичево не смее да падне во рацете на Македонец“, оти тоа е „воен плен од 2001 година“, како што имаше кажано во 2021 година на еден предизборен митинг бегалецот од правдата и поранешен вицепремиер Артан Груби, некогашната десна рака на Али Ахмети.
„Кичево падна во рацете“ најпрвин на човек што јасно, гласно и прецизно порача во изборната кампања дека овој град и општина им припаѓаат на сите еднакво. Кичево престана да биде „воен и етнички плен од 2001“, најпрвин на ОНА, односно ДУИ, на нивните истомисленици и содејци. Кичево стана меѓуетнички дом на сите што сакаат да живеат во мир, разбирање и спокој, соработка и соживот.
Коалицијата Вреди го поддржа Орце Ѓорѓиевски како нов градоначалник на Скопје, за него гласаа не само Македонци туку и Албанци, Турци, Срби, Роми и од други етникуми. Што значи дека истата формула за функционирање и за натамошен развој исклучиво како заедничка животна средина важи и за македонската метропола, а не некој да ја дели на „македонски“ и „албански дел“ – едните „од оваа страна на Вардар“, а другите „од другата страна на реката“.
Особено сакам да се осврнам на Брвеница и веќе поразениот Хаќим Рамадани, кој беше во трка за позицијата претседател на оваа општина покрај Јовица Илиевски. Како кандидат на коалицијата Вреди, со огромна поддршка пред сѐ на ДУИ, Рамадани организираше авионски летови на албанската дијаспора од Западна Европа и доаѓање да се гласа за него, со пројавување силен етнички набој против македонскиот кандидат. Но, како што информираат новинските агенции врз основа на објавите на Фејсбук од самиот Хаќим Рамадани и одделни негови поддржувачи и гласачи, му се случило дури 34 гласа од планинското село Гургурница, целосно населено со Албанци, да отидат на контото на Илиевски. Во селата во општината Брвеница, исто така, имало редица случаи Албанци да се произнесат за Јовица Илиевски.
Како што јавуваа новинските агенции, Рамадани и неговите истомисленици и поддржувачи преку Фејсбук испраќале неприфатлива порака дека „Брвеница била на Албанците и ќе остане на Албанците“. Тој и неговите поддржувачи му испраќале еднакво неприфатливи пораки и на Христијан Мицкоски дека „неговиот изборен пораз“ ќе биде и „национален пораз на Македонците“. Но, сепак, градоначалник стана Јовица Илиевски и тоа на ефектен „мултиетнички начин“, благодарејќи и на албанските гласови за него, на начин што не значеше ниту победа на Македонците ниту „национален пораз на Албанците“, туку значеше победа на Брвеница како мултиетничка општина за сите што живеат во неа. Успехот на Јовица Илиевски претставуваше пораз на споменатите назадни идеологии од 19 и 18 век. Гласачите пресудија дека Брвеница била и останува во еднаква мера и на Македонците и на Албанците и на сите други што живеат во нејзините села и во неа како општински центар.
Треба да се истакне и победата на Билал Касами за вториот мандат како градоначалник на Тетово, но пред сѐ затоа што за него гласаа, исто така, не само Албанци туку и многу Македонци. Македонците со своето изјаснување за Касами го фрлија во вода ставот на Али Ахмети и неговата Демократска унија за интеграција дека „Македонци не можат да одлучуваат кој ќе биде градоначалник на Тетово, на Кичево, на Струга…“. Можат секако Македонците да одлучуваат, можат да бидат и решавачкиот чинител за една изборна победа, во еднаква мера како што можат и Албанците, Турците и секој друг граѓанин на оваа држава. Веќе набргу Билал Касами ќе го „полага првиот меѓуетнички тест“ како старо-нов градоначалник: дали на 28 ноември, Денот на независноста на Албанија, ќе бидат истакнати само албански знамиња и ниедно македонско државно знаме, пракса повторувана многу години претходно?
Македонците во Тетово му испратија во првиот и во овој втор круг на гласање посебна порака на Билал Касами и дека Тетово не е „главниот град на Албанците“, туку оти мора да биде „главниот град на меѓуетничкото разбирање и заедничкото живеење“ во Република Македонија. Билал Касами ќе мора во голема мера да го поправи и својот политички речник и да не користи повеќе израз „Тетово – албанска општина“, туку да говори „Тетово – заедничка општина на сите етникуми“. Тетово повеќе престанува да биде „етничка тврдина на Албанците“ и започнува да се враќа во нормалноста како мултиетничка средина, во која секој секому мора да му подаде рака, без етнички шовинизам, без етнички навреди и потценувања. Тетово мора во наредниот период да стане „меѓуетничка тврдина на сите етникуми“!
Ваква иста поправка во својата политичка реторика ќе мора да извршат и сите други политичари Албанци во Македонија, вклучувајќи ги и лидерите и функционерите на коалицијата Вреди. Не постојат „албански општини во Македонија“, туку постојат само општини во Македонија на сите граѓани и општини како граѓански сервиси на сите нивни жители, сите со исти и еднакви потреби, интереси, барања и желби за подобар живот на локално ниво, во нивните села и општини.
Овие локални избори влеваат интензивни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Тие избори ги поразија сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за создавање инциденти и избоксување предвремени парламентарни избори. Колку и да се обидува ЕУ да ги испроблематизира македонските локални избори, тие содржат многу важен внатрешен меѓуетнички капитал. Тие избори и реално ја легитимираат Република Македонија како стабилна држава, која е способна да одржи демократски и мирни избори и која како таква и силно зрачи во Европа и во светот. Само оние што не сакаат да го видат и да го признаат овој факт нема да го видат, ниту да го признаат.
Светo Тоевски


































