Во македонското собрание, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, го претстави Извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите
- Во извештајот се нотира и дека сѐ уште не се усвоени уставните амандмани насочени кон вклучување во Уставот на граѓаните што не претставуваат мнозинство, како што се Бугарите, за што земјата презела обврска
Претходно изнесениот став за потребата од спроведување „со добра волја од сите страни“ на склучените билатерални договори, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, се повторува во извештајот за напредокот на Македонија на европскиот пат што амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, го презентираше вчера во Собранието.
Исто така, се нотира и дека сѐ уште не се усвоени уставните амандмани насочени кон вклучување во Уставот на граѓаните што не претставуваат мнозинство, како што се Бугарите, за што земјата презела обврска.
Згора, се посочува дека Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено заштитата на независноста и интегритетот на судството, и да ја засили борбата против корупцијата, при што се оценува дека е постигнат „ограничен напредок“ во областа на судските реформи.
Ова се делови на цитирани забелешки од извештајот.
Но се наведува и дека Македонија постигна значителен напредок во спроведувањето на реформите предвидени со Реформската агенда, за што доказ е и исплатата на две транши средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан.
– Македонските власти продолжија да работат на имплементација на патоказите за владеење на правото, на реформата на јавната администрација и на функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата – се наведува во извештајот.
Како позитивен развој на настаните во извештајот се истакнува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и се оценува дека земјата постигнала одреден напредок во однос на плурализмот и слободата на медиумите и на слободата на изразување.
Европската комисија во извештајот посочува и дека земјата е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и дека е една од државите што се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е забрзување на движењето на стоките преку границите.
Документот спаѓа во пакетот извештаи за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ за 2025 година, што вчера попладне беше предвидено да ги претстави Европската комисија, односно еврокомесарката за проширување Марта Кос пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Врз основа на извештаите, известувачите на Комитетот за надворешни работи ќе изготват соодветни резолуции. П.Р.


































