Актуелна Софија ја користи секоја можност да притиска за „бугарско малцинство“ во Косово и во Албанија
- Фактот дека се користат разни форуми и конференции за да се потсети на наводно бугарско малцинство во соседството, без оглед што фокусот е ставен на европерспективите на земјите од Западен Балкан, јасно говори за клучната интенција на бугарската официјална политика да се испрати јасна и недвосмислена порака дека без бугарски амин, сечии евроинтеграции стануваат невозможна мисија. Форумот во Саудиска Арабија ниту беше поврзан со малцинства ниту со малцински права или, пак, нешто слично, но бугарскиот претседател Радев ја искористи можноста да ја потсети косовската претседателка во која насока треба да работи ако сака да ја ужива бугарската поддршка во иднина
Процесот на асимилација на македонското малцинство во соседните земји се одвива со несмалено темпо, а динамиката ја контролира официјална Софија, која го користи членството во Европската Унија да ги условува земјите кандидати, пред сѐ Албанија и Косово, да замижат пред асимилаторските политики што се одвиваат пред нивни очи доколку не сакаат и тие да се соочат со блокади на евроинтегративниот пат.
Во таа насока, бугарските актуелни функционери ги користат сите јавни форуми, конференции и дебати за да посочат дека во Косово, како и во Албанија, постои сериозна бугарска заедница, со намера што пошироко да ја афирмираат оваа позиција.
Таква можност неодамна искористи бугарскиот претседател Румен Радев, кој во рамките на деветтото издание на форумот „Иницијатива за идни инвестиции“, чиј домаќин беше Саудиска Арабија, искажа благодарност до косовската претседателка Вјоса Османи „за преземените мерки во поддршка на бугарската заедница во Косово, како и за нејзината институционална вклученост“ (?!).
Во меѓувреме, како што информира прес-службата на бугарскиот претседател, обајцата соговорници разговарале и за европската иднина на Косово, регионалната соработка и за слични други иницијативи.
Континуирана кампања со повторување на невистината, за таа да стане – вистина
Несомнено тоа покажува колку Бугарија е активно вклучена да го промовира присуството на наводна бугарска заедница во Албанија и во Косово бидејќи таквиот наратив исклучително ѝ е важен за да може да ја поткрепува својата теза дека и во Македонија живеат Бугари.
Фактот дека се користат разни форуми и конференции за да се потсети на наводно бугарско малцинство во соседството, без оглед што фокусот е ставен на европерспективите на земјите од Западен Балкан, јасно говори за клучната интенција на бугарската официјална политика да се испрати јасна и недвосмислена порака дека без бугарски амин, сечии евроинтеграции стануваат невозможна мисија.
Форумот во Саудиска Арабија ниту беше поврзан со малцинства ниту со малцински права или, пак, нешто слично, но бугарскиот претседател Радев ја искористи можноста да ја потсети косовската претседателка во која насока треба да работи ако сака да ја ужива бугарската поддршка во иднина.
Дополнително, ова говори и за континуирана кампања од бугарска страна што се спроведува, како на политички така и на секој друг план. И во Албанија и во Косово се толерираат фондации што отворено вршат притисоци врз македонското малцинство да прифати да се бугаризира со ветувања за некакви бенефиции, пред сѐ добивање пасоши со кои ќе можат слободно да патуваат низ ЕУ.
Сета оваа агитација се одвива пред очите на албанските и на косовските власти, но тие иако презеле обврска да ги заштитат малцинствата, исплашени од можните последици доколку се спротивстават на ваквите активности од бугарска страна, едноставно молчат и прифаќаат дека во нивните земји прекуноќ се создало „бугарско малцинство“, кое во ниту еден попис претходно го немало.
Стравот лозјето го чува
Дел од домашните познавачи на македонско-бугарските состојби се на ставот дека таквата бугарска асимилаторска политика никогаш и не запрела, но сега наишла на плодно тло и во Косово и во Албанија бидејќи обете земји имаат аспирации да бидат дел од ЕУ, а рампата ја крева и ја спушта токму Бугарија.
– Бугарските асимилаторски политики во Албанија и Косово земаа замав откако Македонија го потпиша фамозниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија, како и Преспанската спогодба со Грција. Тогаш на официјалната бугарска политика ѝ стана јасно дека земјава може да зачекори кон ЕУ и дека ако тоа се случи, тогаш ќе паднат во вода сите планови за уништување на македонизмот. Впрочем, и самиот бугарски претседател Румен Радев јасно истакна дека тие се борат со македонизмот, односно сакаат да го спречат. Затоа нивната тактика предвидува да го избришат македонското малцинство во соседните земји и да го заменат со бугарско. Нивната логика е дека ако во соседните земји на Македонија има бугарско малцинство, тогаш и во Македонија живеат Бугари, кои со политичка интервенција на Тито по 1944 година почнале да се нарекуваат Македонци. Сега работат да ги редефинираат малцинствата во соседството, а утре, ако се случат уставните измени, ќе најдат некаков начин да ги активираат сите државјанства што им ги дале на македонските граѓани и тие луѓе ќе бидат претставени како бугарска заедница. Таа бројка не е занемарлива и може да внесе сериозни внатрешни поместувања – анализираат соговорниците.
Според нив, целата работа се забрзала откако Албанија стана земја кандидат за членство во ЕУ.
– Откако Албанија стана кандидат за членство, Софија тргна во офанзива. Зад кулисите е испратена јасна порака до официјална Тирана, ќе молчите за пописот, ќе внесете графа Бугари и ќе замижите за она што го прават нашите луѓе на терен во Албанија. Тоа и се случи кога на албанскиот попис одеднаш се појавија 7.000 Бугари, а ист број Македонци како во земја да пропаднаа. Исто е и во Косово, кое оди во пакет со Албанија. Таму Бугарите тргнаа во асимилација на Гораните, а Радев само ја потсети Османи дека внимателно го следат секој чекор на косовските власти. Сега ги охрабруваат и им даваат поддршка оти играат по нивните ноти. И овие пораки отсега ќе се испраќаат постојано, без оглед дали е безбедносна конференција, самит или некој сличен голем или мал формат, Бугарија ќе ја тера агендата за бугарско малцинство во овие земји и постојано ќе ги потсетува нивните политичари. Затоа нашата дипломатија мора да биде постојано будна и активно да работи за да ги демистифицира ваквите планови. Од друга страна, мора и Македонците во соседството да не наседнуваат на ветувањата што им ги даваат бугарските емисари, туку да се држат до сопствениот идентитет – заклучуваат соговорниците.
 
             
		

































