Фото: приватна архива \Писателот Александар Кујунџиски со внуците Јаков и Јосиф на доделувањето на наградата „23 Октомври“

Писателот Александар Кујунџиски е еден од годинашните добитници на наградата „23 Октомври“, која се доделува на Денот на македонската револуционерна борба.
Ова високо државно признание се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Македонија. Покрај Александар Кујунџиски, годинава наградата ја добија и актерот Гоце Тодоровски, писателот Братислав Ташковски и писателот и академик Божин Павловски.
Александар Кујунџиски основно образование завршил во училиштето „Ванчо Китанов“ во родното Пехчево, гимназија во Берово и во Куманово, а Филозофски факултет во Скопје. Живеел во Пехчево, Штип, Берово, Куманово и во Скопје, а до сопственото човечко и творечко осамостојување работел како хуморист во Радио Скопје, како новинар во Редакцијата за емисии за деца и како уредник на списанието „Ловец“.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1987 година, а од 1990 година до неговото пензионирање во 2010 година бил самостоен уметник и важи за македонски писател со најдолг стаж како самостоен уметник. Мошне е интересно што Кујунџиски во 1994 година објавил 17 нови наслови! Тој е основач на книгоиздателството „Антолог“, кое успешно функционира од 1999 година. Целиот свој живот го посветува на литературата, создавајќи во сите литературни жанрови: поезија, раскази, романи, сказни, драмски текстови, басни, гатанки, сликовници, хуморески, хаику, новели…
Со свои дела за најмладите читатели е присутен и на страниците на „Колибри“.