Денеска роденден слави писателот за деца Велко Неделковски
На денешен ден пред 79 години е роден еден од најпознатите и најомилени македонски писатели за деца Велко Неделковски, препознатлив по многу книги меѓу кои и „Втората смена“, лектира за седмо одделение.
Негови литературни дела се збирките раскази: „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“, „Деници“; сказните „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“, „Корнет Лизи во Шаренџам“; како и романите: „Симчо“, „Втората смена“ (лектира за седмо одделение), „Збунети години (објавена и во „135 тома македонска книжевност“), „Зборофон Тар-11“, „Дежурна приказна“, „Летачкиот човек Пеперут“, „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“.
Велко Неделковски напишал шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонското радио (Радио Скопје). Дел од нив се преведени и снимени и во странство. Исто така, Неделковски е творец на триесет играни телевизиски серии за деца: „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“, „Царството на другарството“ и други, но и на сценаријата на три снимени краткометражни филмови. Пишува и за театарската сцена. Изведени се неговите театарски драми за најмладите „Ден за бегство“, „Бибисек од Крампонија“ и драматизацијата на романот на Ф. Молнар, „Децата од Павловата улица“.
Со делата на Велко Неделковски другарувале и растеле голем број генерации читатели. Објавил над две илјади раскази и песни во списанијата „Развигор“, „Другарче“, „Росица“ и секако во „Колибри“.
Му го честитаме роденденот на писателот Велко Неделковски и му посакуваме добро здравје и творечка енергија за нови дела што ќе ја радуваат читателската публика.
Подготвил: Ф.Д.
Љубопитна песна
Во Африка дали некогаш ќе снежи?
Може ли возрасниот в миг да стане дете?
Пајакот од каде си купува мрежи
или пак тој самиот рачно си ги плете?
Прашалници еве три.
Одговорот ти се скри.
Носорогот зошто има еден рог
полжавот е помал, со рокчиња две…?
Кој умник си измисли за цртање блок
кога ќе се сложат едно „да“ и едно „не“?
Ако знаеш-кажувај
Ако не-истражувај.
Јаболкница како знае јаболко да раѓа?
Имаат ли мравките по четири уши?
До кога на запад сонцето ќе паѓа?
И зошто на крушата растат само круши?!
Повели, размислувај,
ама не измислувај.
Кој го учи окото да мижи да трепка?
Виолина има ли што може да труби?
На срцето в гради кој тајно му шепка
во секунда точно кога да се вљуби?
Еј, тема не сменувај.
И не поцрвенувај
Се знае ли бројот на ѕвездите горе?
Што го тера петлето да се буди рано?
Езерото дали сака да се вика „море“?
Колку рипки-внучиња има океанот?!
Ваква игра барај си
и сам одговарај си.
Договорот важи:
НАУЧИ, ПА КАЖИ!
Велко Неделковски
(од книгата „Децата се прва лига“,
издателство „Арс ламина“, 2023)



































