Фото: Музеј на македонската борба за самостојност

Куќа на знаењето

Денеска ве водиме во центарот на Скопје, во Музејот на македонската борба за самостојност. Штом ќе го поминете Камени мост преку реката Вардар, од десната страна ве очекува големата зграда на овој музеј. Тој се наоѓа веднаш до Македонскиот народен театар.
Музејот на македонската борба за самостојност започнал со работа на 8 септември 2011 година. Постојаната музејска поставка презентира историски настани, процеси и личности од 19 и 20 век, а дополнета е и со музејски предмети (оружје, помошна воена опрема, разни видови облека, народни носии, етнолошки предмети и др.), историски документи, фотографии, помошни материјали и сл.
Основни дејности на музејот се истражување, прибирање, документација, конзервација, презентација и публикување музејски материјал од наведените области.
Во овој музеј се наоѓаат неколку трајни музејски поставки, како Ајдутското движење, Танзиматот, односно реформите во Османлиското Царство и нивно применување во Македонија во 19 век, Разловечкото и Македонското (Кресненско) востание, Развој на културно-просветната и литературната дејност, Македонската револуционерна организација, Македонската револуционерна организација од крајот на Илинденското востание до Младотурската револуција, Македонија за време на младотурскиот режим и Балканските војни 1912-1913 година.
Во музејот се наоѓаат и легати, односно донации од истакнати семејства и истакнати имиња за Македонија, како семејството Шабан, оставина на поетот Анте Поповски, на Вера Циривири-Трена, Светлана Христова Јоциќ, Благоја Механџиски и на Милка Ефтимова.
Особен интерес кај посетителите предизвикуваат восочните фигури, разните експонати, раритетните предмети и големите слики, кои говорат за минатото на нашата татковина Македонија.
Музејот го посетуваат голем број македонски граѓани и туристи, а често доаѓаат ученици од сите краишта на Македонија за време на нивните посети на главниот град Скопје.
Ако не сте биле досега, една од дестинациите при вашето следно доаѓање во Скопје, нека биде Музејот на македонската борба!

Подготвил: Ф.Д.