Во петокот, во спортската сала на ООУ „Никола Карев“ во Крушево, со почеток во 17 часот, се одржа претставата за деца „Црвенкапа“ (Feata cu Aroshe capelă) на влашки јазик. Организатор на настанот беше домот на културата „Наум Наумовски-Борче“, а покровител Министерството за култура и туризам.
Учениците од ова основно училиште што го изучуваат влашкиот јазик беа главни актери, благодарение на нивната наставничка Надица Нане, која овој пат ја имаше улогата на режисер. Сценографијата ја изработи Емил Колески.
– Спортската сала беше премала да ги собере сите посетители, родители и блиски на младите актери, но и љубители на театарот. Интересно е дека во нашата претстава дејството во приказната се случува во Крушево, поточно во шумата, која е именувана по постојното место Малата Корија (Curia a tsea njica), каде што Црвенкапа (Feata cu Aroshe capelă) собира цвеќиња за да ја изненади својата баба, каде што впрочем се упатила. Тогаш се појавуваат самовили и танцуваат околу неа. Ова се детали што ние ги додадовме за да направиме претстава што ќе биде посебна и малку поразлична од класичната бајка на браќата Грим – ни рече Надица Нане, наставничка по влашки јазик во ООУ „Никола Карев“ во Крушево.
Следното претставување е на 1 ноември во малата сала на Домот на културата во Битола.
– Драго ни е што и други деца за почeток во Битола ќе ни се придружат на ова магично патување исполнето со смеа, песна, игра, а ќе станат помудри за поуката што ја испраќаме. Настанот е подготвен со многу љубов од нашите мали актери, кои со нетрпение го очекуваат вашиот аплауз – додава наставничката Надица Нане.
М.Т.



































