Георгиевски (лево) на победничкиот подиум

ТАЕКВОНДО – ТУРНИР ОД СЕРИЈАТА Г1 ВО БУКУРЕШТ

  • Задоволен сум од настапот на турнирот. Второто место носи бодови, а секој бод многу ни значи за ранг-листата. Секако дека можеше и подобро, а ова беше и добар турнир да видиме до каде сум со формата и да ги поправиме грешките пред Европското првенство, вели Георгиевски

На силниот меѓународен таеквондо-турнир од серијата Г1, викендов во Букурешт (Романија), најдобриот македонски таеквондист и носител на сребро од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, во тежинската категорија над 87 килограми постигна голем успех, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал.
– Задоволен сум од настапот на турнирот. Второто место носи бодови, а секој бод многу ни значи за ранг-листата. Секако дека можеше и подобро, а ова беше и добар турнир за да видиме до каде сум со формата и да ги поправиме грешките пред Европското првенство. И овој пат можев да го победам турскиот претставник, со оглед на тоа што имав неколку удари во глава што не излегоа на семафорот. Да напоменам дека овој пат на турнирот не беше дозволено да се бара видеоповторување на удари и спорни моменти. Следен настап ни е ЕП во Швајцарија, а веќе имам донесено златен медал од ЕП, па и сега ќе одиме повторно по злато – ни изјави Дејан Георгиевски.
Георгиевски, кој е член на ТК Бутел од Скопје, предводен од помошник-селекторката на македонската репрезентација, Викторија Спасовска, до среброто на турнирот во Букурешт стигна откако во првото коло беше слободен, во второто го победи Унгарецот Марсел Хотак, а во третото домашниот претставник Тудор Карагеа. Во финалето Георгиевски беше поразеен од Хусеин Демирчиоглу од Турција.

– Иако не бев присутен во Букурешт, секако дека го следев настапот на Дејан во живо и задоволен сум од она што го прикажа во борбите. Што се однесува до противниците, интересен е парадоксот што Дејан го победува најдобриот турски таеквондист Емре Кутламас, а губи од Хусеин Демирчиоглу, и тоа двапати во низа, а е послаб од Кутламас. На 15 ноември има Г1-турнир во Хрватска, но ние најверојатно него ќе го пропуштиме и директно ќе заминеме на ЕП во Швајцарија, каде што на 22 ноември е закажано ЕП. Што се однесува до подготовките за ЕП, речиси цело лето го поминавме во Крушево, каде што и трениравме. Сега се предвидени само кратки, свежи тренинзи, за да ја изостриме и задржиме формата пред почетокот на ЕП. Важно е што сега освоивме нови 3,6 поени на патот кон ЛОИ 2028 во Лос Анцелес, односно одиме по поставениот план – рече селекторот Борче Костовски.
И минатата година, во октомври, на Г1-турнирот во Букурешт, Геогиевски освои сребрен медал. ЕП 2025 во Швајцарија ќе значи и нов мотив за докажување и потврдување на квалитетите на македонскиот таеквондист. Г.И.