Одбојкарките на Јанта Волеј во деби настапот на европската одбојкарска сцена забележаа значајна победа во квалификациите за Лигата на шампионките на ЦЕВ.
Девојките од Кисела Вода го победија тимот на Гацко од Босна и Херцеговина по драматична борба во пет сета (3-2) во СЦ „Јане Сандански“.
Избраничките на тренерот Никола Јаневиќ, го добија првиот сет со 25-21, но босанските одбојкарки се вратија резултатски, па со 21-25 стигнаа до израмнување, најавувајќи неизвесна борба.
Во третиот сет повторно подобриот тим беше Јанта Волеј со триумф од 25-22, а четвртиот сет наизменично повторно го доби босанскиот тим со 20-25. Решавачкиот петти сет, им припадна на девојките на македонскиот шампион кои по стартната негатива на крајот славеа победа со 18-16.
Најефикасна во македонскиот состав беше Мери Бошковска со 26 поени, а ја следеа Јасмин Ледезма со 19 и Татјана Јаневиќ со 16 поени, додека кај босанскиот тим, Марија Фундуп имаше 23, пред Ивана Радовиќ со 20 поени.
Реванш дуелот на Јанта Волеј и Гацко во Босна и Херцеговина ќе се одигра на 29 октомври во 18 часот.