Министерот за здравство Азир Алиу денеска учествуваше на работилница во организација на Министерството за здравство, а со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), која има за цел унапредување на комуникацијата и координацијата, како предуслов за функционална институција, а со тоа и ефективен здравствен систем.
-Неопходно е да изградиме механизам за навремена и ефективна комуникација, како и алатки за следење и евалуација на нашите работни групи и комисии. Целта е Министерството за здравство да стане пример за институција која функционира транспарентно, плански и професионално – посочи министерот Алиу на работилницата.
Тој информираше дека формира интерна работна група која ќе го финализира протоколот за комуникација и сите договорени следни чекори од денешната дискусија, ќе го презентира пред сите раководители на сектори и ќе предложи временска рамка за негова имплементација, соопшти Министерството за здравство.
Алиу пред учесниците на работилницата порача дека на овој начин се поставува основата за министерство кое планира, комуницира и делува како еден тим.