Важноста на овошјето и на зеленчукот за правилно и здраво растење (1)

  • Од овој број во „Колибри“, во три продолженија, ќе можете да прочитате
    совети од нутриционистката Елена Рајкоска

Со цел да им помогнеме на родителите, на децата, на воспитувачите и на наставниците, од денес во три продолженија во „Колибри“ ќе можете да прочитате совети од нутриционистката Елена Рајкоска. Таа е сертифицирана за нутритивна терапија кај невродивергентни состојби и селективен апетит. Во денешното, прво продолжение, од нашата соговорничка побараме одговор на прашањето на што се должи намалениот интерес кај децата за јадење овошје и зеленчук и кои се причините за оваа појава.
– Кога се прашуваме зошто децата денес сè помалку се заинтересирани за овошје и зеленчук, одговорот секогаш го бараме во коренот – во првите години од животот, кога започнува воведувањето на храната по доењето. Токму тогаш, најчесто со најдобра намера, родителите посегнуваат по купечки кашички и чаеви означени како „безбедни за новороденчиња“. Но во реалноста, голем дел од тие производи, иако изгледаат природно, содржат овошни концентрати, додадени ароми, па некои и шеќери во количество што е нутритивно несоодветно за бебе. Некои чаеви за доенчиња, на пример, содржат шеќер колку една лажица „нутела“ – доволно за да го активира наградниот систем на мозокот и да создаде рана зависност од сладок вкус. Во тој период мозокот и непцата на детето се исклучително сензитивни. Секој вкус, секоја текстура, секој мирис го гради идниот однос кон храната – објаснува Елена Рајкоска.
Според неа, за денешните деца вкусот на овошјето и на зеленчукот сѐ почесто се доживува како непознат.
– Кога најчесто доживува само обработени, благо-хомогени и ароматизирани производи, детето развива сензорна сигурност кон таа храна – таа му е предвидлива, мека, позната, „безбедна“. Свежото овошје и зеленчук, со својата природна киселост, влакна и варијабилен вкус, се доживуваат како непознати и затоа се одбиваат. Овој процес не е само сензорен туку и биохемиски. Преработената храна ја менува активноста на цревниот микробиом. До третата, а понекогаш и до петтата година, микробиомот ја достигнува својата имунолошка зрелост. Доколку во тој период доминира стерилна, влакнесто сиромашна храна, корисните бактерии што „бараат“ растителна храна се потиснуваат. Микробиомот тогаш не испраќа сигнали за желба за свежо и природно, туку за храна што брзо задоволува – благо, солено, меко, преработено. Затоа не е изненадување што многу деца подоцна прифаќаат само неколку вида храна што ги чувствуваат како „сигурни“. Тоа се обично намирници богати со мононатриум глутамат, засилувачи на вкус и скриени шеќери – храна што брзо го активира допаминот и дава чувство на моментално задоволство, но не ја храни неврохемијата – вели нутриционистката Елена Рајкоска.
Таа дополни дека селективниот апетит најчесто не почнува во градинка, туку во првите месеци по доењето. И токму таму се создава првата навика, која подоцна станува селективност, отпор кон природниот вкус и намален интерес за свежо овошје и зеленчук.

Ф.Д.