Фото: Драмско студио „Словото“

Членовите на драмското студио „Словото“ од Велес наградени на фестивал во Италија

  • „Поетски одраз“ е иновативен сценски перформанс во кој шест тинејџери преку поезија, телесен израз и емотивна игра зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат младите денес – иднината, менталното здравје, притисоците, самодовербата и дигиталниот свет. Претставата комбинира стихови од Петрарка, Рацин, Конески, како и од велешките поети Нада Алексоска, Лили Арсова и Игор Крајчев, создавајќи силна уметничка врска меѓу личното и колективното искуство

Со сценско-поетската изведба „Поетски одраз“ членовите на драмското студио „Словото“ од Велес, под менторство на актерката Весна Димитрова Бобевски, успешно се претставија на триесеттото издание на Меѓународниот фестивал на истражувачки театар „Исола деи театри“ (Остров на театарот) во италијанскиот град Сасари, на Сардинија, и се вратија со еден куп награди.

Бурни аплаузи и високи награди за нашите таленти

Матеј Стојанов (12), Илија Најдов (13), Теодора Циунова (14) и Ања Богоевска (12) од ООУ „Васил Главинов“, Тодор Гиновски (14) од ООУ „Кирил и Методиј“ и Михаела Витева (17) од ССОУ „Димитрија Чуповски“, сите од Велес, ја воодушевија присутната публика со својот експресивен сензибилитет, координирани сценски движења, безгрешни рецитации, многу емоции и невиност. Oд нивниот настап беше воодушевен и италијански актер Серхио Бини, особено популарен по улогата на Феручо Папини во култниот филм „Животот е убав“.
– Слободно можам да кажам дека овие тинејџери се на нашето ниво, на повозрасните, професионални актери – истакна актерот Серхио Бини, кој исто така учествуваше на фестивалот.
По таквите впечатоци на сите присутни, логично следуваа и награди за нашите млади и многу талентирани ученици. Наградата за највпечатлив актерски настап за улогата на Франческо Петрарка во перформансот „Поетски одраз“ ја доби Матеј Стојанов, а наградата за актерска креација во категоријата „Кловновијада“ во истиот перформанс му припадна на Тодор Гиновски. Теодора Циунова беше наградена за поетска интерпретација и сценска партитура, Мигаела Витева ја освои наградата за најдобар уметнички впечаток или сценски израз, а наградата за физичка експресија и сценски минимализам ја доби Ања Богоевска.

Одекнаа стиховите на Петрарка, Рацин, Конески…

„Поетски одраз“ е иновативен сценски перформанс во кој шест тинејџери преку поезија, телесен израз и емотивна игра зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат младите денес – иднината, менталното здравје, притисоците, самодовербата и дигиталниот свет. Претставата комбинира стихови од Петрарка, Рацин, Конески, како и од велешките поети Нада Алексоска, Лили Арсова и Игор Крајчев, создавајќи силна уметничка врска меѓу личното и колективното искуство. Ова сценско-поетско доживување претставува автентичен глас на младата генерација и повик за слушање, разбирање и поддршка.
Фестивалот „Исола деи театри“, односно „Остров на театарот“, годинава го имаше своето јубилејно триесетто издание, кое беше исполнето со над триесет програмски активности, вклучувајќи претстави, работилници и туристички и едукативни посети, а гостуваа театарски групи од Сардинија, Италија, Романија, Германија и Македонија. Уметничкиот директор на фестивалот Романо Фодаи истакна дека оваа манифестација се организира во рамките на проектот за развој и меѓусебна културна размена меѓу Италија и Македонија, поддржан од Министерството за култура на Италија.
Драмското студио „Словото“ од Велес, под раководство на актерката Весна Димитрова Бобевски, функционира веќе 35 години и зад себе има низа успешни претстави и изведби, со цел преку културна работа со децата да се создадат граѓани со свест, со љубов кон татковината и со хуманистички вредности. Ова драмско студио, кое е гордост на Велес и на Македонија, веќе неколкупати успешно се претставува на овој театарски фестивал во Сардинија.