Од 20 до 24 октомври, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи 16. издание на ЕХО – фестивал на планински филм, единствениот настан во земјава што ја слави планината преку уметноста на филмот.
Годинава, фестивалот ја става во центарот поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет.
Отворањето е резервирано за полскиот филм „Последната експедиција“ на режисерката Елиза Кубарска – инспиративна приказна за жените алпинисти, кои тргнуваат по трагите на изгубените хероини од Хималаите. Публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите „Девојка качувач“ и „Антарктикот – план и подготовка“ на оваа прва вечер.
Екологија, климатски предизвици и уметност за иднината
Посебен дел од програмата е посветен на еколошките филмови, кои се селектирани целосно во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), долгорочен партнер на ЕХО, што ги истражува последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата.
Меѓу нив се издвојуваат „Наши волци“ – трогателна приказна за враќањето на волците во италијанските Апенини; „Дрво на животот“ – визуелно патување низ симбиозата меѓу дрвјата и човештвото; и „Зони на жртвување“, кој преку планински авантури ја истражува границата меѓу природното и урбаното.
Во „Марта“ и „Пластични луѓе“ авторите поставуваат прашања за односот кон отпадот и одржливоста, додека „Климатска уметност – од протест до утопија“ го прикажува уметничкиот отпор кон еколошките катастрофи. Ледените контрасти пристигнуваат со „Антарктик – домен еден“ и „Жив мраз“, филмови што откриваат како се менува најсуровиот континент на Земјата. Програмата ја заокружуваат „Вечниот Мон Блан?“ – поетска опсервација за топењето на глечерите во Алпите, и „Ќуп со злато“ – документарец што трага по вистинската вредност во свет на материјална изобилност.
Гостувања, презентации и живи приказни
Покрај филмската програма, „ЕХО 2025“ ќе понуди и предавања и презентации со врвни планинари, режисери и уметници од регионот и Европа.
Особено внимание предизвикува гостувањето на словенечките алпинистки и документаристки, кои ќе ја претстават својата визија за женската перспектива во алпинизмот и современото истражување.
Тимот Словенки – Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар – ја претставуваат женската експедиција на Лалунг во Индија и се добитнички на златниот цепин (Piolet d’Or), највисокото светско признание во алпинизмот, што ја зацврстува темата за родова видливост и меѓународен успех.
Ќе настапи и Филип Бабич, еден од најпознатите полски алпинисти, кој ќе сподели лични искуства од своите искачувања и етичкиот пристап кон планината.
Филип Бабич е познат меѓу меѓународната алпинистичка сцена по неколку импресивни рекорди и подвизи, кои ги покажуваат неговата вештина, храброст и етичкиот пристап кон природата. Тој го искачи Гран Капусан без јаже и поддршка, за само 49 минути – насока од 570 метри, која обично се искачува за околу осум часа.
Покрај тоа, во 2024 година Бабич ги помина сите четири гребени на врвот Матерхорн – два на искачување и два на спуштање – во вкупно седум часа и 43 минути, без користење базна, логистичка или надворешна поддршка.
Публиката ќе има можност да присуствува и на македонски презентации – од искуства на локални планинари и документаристи, до разговори за еколошки иницијативи и развој на аутдор-културата во земјава.
Урбан фестивал со планинска душа
Иако е тематски посветен на планината, ЕХО е урбан по концепт – сите проекции и придружни настани се одржуваат во Кинотеката во две киносали, што овозможува врвни технички услови и удобност за публиката.
Главниот предизвик на фестивалот е да ги пренесе автентичната енергија и слобода на планината во срцето на градот – преку филмови, изложби, разговори и живи средби со луѓе кои ја живеат планината.
– Во текот на фестивалот ќе се одржат и детски работилници посветени на креативноста, природата и екологијата, со локација во „Јуроп хаус“ – Скопје. Деталите за нивната програма се достапни на социјалните мрежи и официјалната веб-страница на фестивалот – информираат организаторите.
ЕХО е член на Меѓународната алијанса за планински филм (ИАМФ), заедница што ги обединува најреномираните фестивали од овој жанр во светот – меѓу кои се Тренто, Грац, Катманду, Билбао и Телурајд. Со тоа, фестивалот се позиционира како дел од глобалната мрежа што го негува и промовира планинскиот филм како уметничка форма и културна вредност.
– ЕХО не е само фестивал туку мост меѓу градот и планината, меѓу филмот и животот – велат организаторите.
Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани и две значајни изданија на фестивалот како издавач: „Ванда – приказна за силата на животот и на смртта“ од Ана Каминска – која ја открива животната приказна на легендарната алпинистка Ванда Руткевич, и ремек-делото „Ѕвезди и бури“ (Starlight and Storm) од Гастон Ребуфа, првично објавено во 1954 година, кое нуди интимен увид во неговите искачувања, борбата со стихиите и страста кон височините.