Фото: Оно Звирс

Занимливости

  • Смолика е прекриена со густ растителен свет, каде што се вбројуваат црниот бор, муниката, буката и други широколисни растенија. Под највисоките врвови на планината се сместени и двете Змејски Езера. Помали планински езера има и на други места по планината

Смолика е највисоката планина од венецот Пинд, која ја одделува Егејска Македонија (исток) од Северен Епир (запад). Со надморска височина од 2.637 м, Смолика е втората по висина планина во денешна Грција, по Олимп. Подрачјето на планината го опфаќа северниот дел од округот Јанина во Епир и западниот дел од округот Гребен во Егејска Македонија. Околни планини се Грамошта (Грамос) на север, Тимфи на југ и Пинд на југ и исток. Во поширока смисла сочинува дел од Пинд, под кој се подразбира целиот планински систем на денешна западна Грција.
На планината Смолика се сместени некои од највисоките населени места во Егејска Македонија и цела денешна Грција, како што се гребенското село Самарина, кожанското село Падеж и јанинското село Фурка. Од Смолика извираат две притоки на Бистрица – Венетик и Гребенска Река.

Фото: Дејан Василев

За време на плеистоценот, северните и источните падини, вклучувајќи ги и соседните долини биле прекриени со ледници. Конечното топење на ледниците се случило пред околу 11.500 години.
Смолика е прекриена со густ растителен свет, каде што се вбројуваат црниот бор, муниката, буката и други широколисни растенија. Под највисоките врвови на планината се сместени и двете Змејски Езера. Помали планински езера има и на други места по планината.
Смолика има низа врвови чија надморска височина надминува 1.600 м. Непосредно на исток од Смолика се врвовите Лемос (2.540 м) и Мосија (2.610 м). Недалеку од главниот врв на север се сместени Куцуро (2.318 м) и Аркудалона (1.798 м). На североисток се наоѓаат врвовите Капетан Цекура (2.253 м) и Богдани или Вузи (2.239 м). Други врвови на планината се Конското (Алоготопос, 2.230 м), Палиострунги (2.221 м), Мисорахи (2.217 м), Атина (2.106 м), Мугурија (2.080 м), Далијаполи (2.077 м), Срнечки Камен (Петра Ганкараџа, 2.045 м), Смилјани (Σμίλιανη, 2.014 м), Скурџа (1.799 м), Аница (1.700 м), Киркори (1.860 м), Зекири (1.700 м), Тамбури (1.878 м), Циганското (Гифтиса, 1.752 м), Пророк Илија – Фурка (Профитис Илијас Фуркас, 1.650 м) и Клифтис (1.846 м).
Популарните патеки одат до врвовите на Смолика од Самарина од исток, од Керасово (Аја Параскеви) од север и од Палиосели и од Падеж од југ.

Фото: Кристарас А

Пинд

Пинд е планински масив во југозападниот дел на Балканскиот Полуостров, помеѓу Тесалија и Епир. Се протега од југозападниот дел на Егејска Македонија до Албанија и на југ допира до полуостровот Пелопонез. Долг е околу 160 км, со највисок врв Смолика (2.637 м). Во Грција, тој се нарекува и „’Рбетот на Грција“, бидејќи го дели копнениот дел на земјата на егејски и јонски.