Неколку клучни појаснувања за граѓаните во врска со законските измени за онлајн нарачките и поштенскиот пазар
- Со плаќање ДДВ за стока (увезена преку поштенски компании со лиценца издадена од Агенцијата за пошти) за пратки со вредност поголема од 0,1 денари, државата смета дека ќе оствари значителни дополнителни приходи, без притоа значајно да ги засегне граѓаните
Плановите за спроведување законски измени со кои ќе се наплатува ДДВ и за пратките до 22 евра предизвикаа голема бура во јавноста. Многумина ги дочекаа на нож најавите дека ќе се оданочат пратките што досега можеа да се увезат без какви било царински трошоци. Упатените, за „Нова Македонија“, појаснуваат голем број дилеми поврзани со новината што се воведува.
Истакнуваат дека мерката нема да се одрази негативно врз поштенскиот пазар во земјава и појаснуваат дека ова е данок што веќе го применуваат соседите и земјите од Европската Унија.
– Македонија е последна земја од регионот што ја воведува мерката, земјите како Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија го направија ова пред нас, а земјите од Европската Унија како Хрватска, Словенија, Бугарија и Грција одамна воведоа плаќање на ДДВ за увоз на пратки со вредност поголема од 0,1 денари. Ние дури доцниме цела година во мерката, но ништо не е изгубено, бидејќи и досега се плаќаше ДДВ кон државата за пратки со вредност од над 22 евра, кои и не се малку во вкупната бројка на увезени пратки – објаснуваат од Агенцијата за пошти.
Од оваа институција додаваат дека кога ќе се плаќа ДДВ на стоката увезена преку поштенски компании со лиценца издадена од Агенцијата за пошти, со вредност започнувајќи од 0,1 денари, ќе се воспостави важен баланс во обврските кон државата, т.е. ќе се воспостави еднаков третман во оданочувањето на стоката што се продава во земјава нарачана со е-трговија од странство со останатата трговија на стока во земјава.
Ќе се пресметува само ДДВ
Наедно додаваат дека данокот ќе го плаќаат граѓаните, кои всушност се и нарачатели на производите, со таа измена што истото тоа ќе биде вклучено во самата цена на производот.
– ДДВ ќе плаќаат нашите граѓани, кои и сега плаќаат кога нарачуваат поскапи производи од 1.290 денари, а ДДВ ќе биде вклучено во цената на производот, кога ќе нарачуваат од онлајн платформите од странство, а потоа онлајн платформата ќе ги уплаќа наплатените износи на пари по таа основа на трезорска сметка во Македонија. Истото тоа се прави и сега за поскапите нарачки, а државниот буџет е зголемен за само неколку месеци по оваа основа за околу два милиони евра. Во наредната 2026 година се очекува да се применува мерката и неколкукратно да биде зголемен придонесот во државниот буџет од овој сегмент на македонската економија – нагласуваат од агенцијата.
Од агенцијата нагласуваат дека отворањето на пазарот за повеќе компании што работат на полето на поштенските услуги е позитивна активност, благодарение на што се забележува и зголемен обем на работа.
– Како регулатор сме посебно горди на македонскиот поштенскиот сектор воопшто, а особено за наш значаен придонес го сметаме фактот дека од март минатата 2024 година го отворивме за конкуренција и овој канал на увоз во државата, издавајќи нови меѓународни лиценци за шест домашни поштенски компании. Сите без исклучок веќе увезуваат и ќе доставуваа пратки со нарачките од Кина, а интересот за влез во поштенскиот бизнис е неколкукратно зголемен од тогаш. Поштенската индустријата расте, се создаваат нови работни места, се ангажираат локално подизведувачи, расте обемот на услуги и приходите и на фирмите и на државата – нагласуваат од агенцијата.
Наскоро и нови платформи за онлајн нарачки
Од оваа институција, надлежна за издавање или за одземање на лиценците за поштенските компании, напоменуваат дека фамата што се крена во јавноста е непотребна и дека нема да има удар врз секторот или врз граѓаните.
– Тоа што непотребно се крева прашина околу ова прашање е поради неинформираност на дел од јавноста. Имено, домашните корисници на „Тему“ и „Али експрес“ и сега плаќаат ДДВ кога нарачуваат поскапи производи, само граѓаните не можат да го видат тоа на кинеските платформи, односно не го гледаат износот на ДДВ, кој не се прикажува посебно, а е вклучен во крајната цена на производот. Мерката за доследно спроведување ќе наметне потреба од одредени приспособувања на сите чинители инволвирани во поштенскиот синџир од увоз до достава до адреса, но не сметаме дека тоа нешто забележително ќе смени во ефикасноста на доставата на нашите поштенски компании – објаснуваат од агенцијата.
Потоа додаваат дека напротив, по две години искуство и развој на приватни поштенски мрежи за достава низ државата очекуваат нови клиенти за поштите. Притоа укажуваат дека е сигурно оти и други странски платформи наскоро ќе им станат достапни за нарачки на нашите граѓани и на мали бизниси за крајна потрошувачка.
– Влезот на кинеските платформи се надеваме дека ќе овозможи зголемена понуда од е-трговија од странство и конечно, на пример, и платформата „Амазон“ да се одлучи да влезе на нашиот пазар со евтина достава. Инаку, обемот и вредноста на нарачките од странство што се увезуваат, најмногу ќе зависат од побарувачката на домашните граѓани и нивната куповна моќ, па од тука и износот што ќе го наплаќа државата по основа на ДДВ и, конечно, најважно за нас е дека очекуваме раст на обемот на поштенски услуги – појаснуваат од агенцијата.
Нема царина за пратките до 90 евра!
За прашањето што се однесува на плаќање царина, од оваа институција појаснуваат дека сѐ уште за овие нарачки од онлајн платформите важи горниот праг од 90 евра.
– Агенцијата за пошти од своето основање во 2008 година се залага за подигнување на овој праг. Тој тогаш беше 45 евра. Сега е зголемен на 90 евра. А агенцијата за пошти се залага прагот за нарачките што ќе бидат ослободени од плаќање на царина да биде 150 евра. Така, македонските граѓани што увезуваат преку пошта, ќе бидат изедначени во правата, со граѓаните од земјите на ЕУ. Со оглед на тоа што досегашниот систем оставаше простор за изигрување на законите, односно увоз на стоки ослободени од данок да се препродаваат на домашниот пазар, во продавници на мало и преку социјални мрежи, предложените измените ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, што, пак, понатаму ќе резултира со поддршка за домашните компании што создаваат додадена вредност и отвораат нови работни места, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија – прецизираат од агенцијата. Е.Р.
Измени заради зајакнување на економијата
Како што веќе е познато, Владата предлага и на малите пратки од странство да се пресметува данок на додадена вредност од 18 отсто. Предлогот е во Собранието, а новините нема да важат за мали пратки од некомерцијална вредност испратени од физичко лице до физичко лице, во вредност до 22 евра, освен ако станува збор за алкохол, парфеми, тутун и слични производи.
Од Министерството за финансии посочија дека измените се прават со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места.
Очекуваат околу четири милиони денари месечно приходи, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати за вработените. Е.Р.