Од историјата на борачкиот спорт (7)

  • Во тогашната спортска база Сарај се калеа шампионите. Освојувањето на европската титула во Бурса и среброто на Светското првенство во Лозана беа виза Шабан Сејдиу да биде прогласен за спортист на Југославија во 1977 година. По првиот олимписки настап во Монтреал, веќе на следниот, во Москва, во 1980 година, Сејдиу го освои бронзениот медал, а на Светското првенство во Скопје во 1981 година беше втор

Ако во екипните спортови Македонија не можеше рамноправно да се носи со другите југословенски републики и да партиципира во репрезентациите со повеќе спортисти, во поединечните спортови, пак, благодарејќи на неколкутемина талентирани момчиња како Русевски, Сејдиу, Трстена, кајакарот Миле Спасовски го градеше својот спортски рејтинг.
Постигнувањата на Шабан Сејдиу за македонскиот спорт како да ми наложуваат да продолжам да презентирам уште многу работи од неговата богата спортска биографија. Таа не заврши со оној избор за најдобар спортист на поранешна Југославија во 1977 година, туку, напротив, имаше уште многу резултати вредни за споменување.
Меѓутоа, како што често се случува, по големите напори и успеси, на патот на спортистите може да се појават и непријатни ситуации, кои за определен период го прекинуваат континуитетот на тренинзите и на натпреварите. Тој малер го снајде и Сејдиу, па токму кога стана европски првак и светски вицешампион, поради повреда на коленото мораше извесен период да апстинира од борачката сцена. Тој не настапи ниту на Светското првенство во Сан Диего (1979 г.), на кое Скопје и официјално ја доби организацијата на Светското првенство во 1981 година. Сејдиу отиде со екипата во Америка, но не се бореше. Престојот во американската борачка база, со асистенција на доктор Милош Вучидолов, го искористи за прегледи и за консултации со лекарите од другите национални репрезентации. По контактите со искусните специјалисти беше определена соодветна терапија со која брзо ја санира повредата и повторно се врати на душеците.

Бронзен олимписки медал во Москва во 1980 година

Не помина долго време, па Сејдиу закрепна од повредата и почна да настапува на најсилните приредби. Пролетта, во олимписката 1980 година, беше учесник на Европското првенство во Приевидзе, во тогашната Чехословачка. Очигледен беше стравот кај него да не му се обнови повредата, па не можеше да загризе и да се избори максимално. Неговите погледи во овој период беа насочени кон Олимпијадата во Москва, па затоа мораше да се чува за настапот на најголемиот светски спортски собир. Тогаш имаше 20 години и чувствуваше дека е момент кога кон својата веќе богата колекција од медали треба да го придодаде и олимпискиот.
И како што се случуваше на двете претходни олимпијади, и московската не ги избегна непријатностите. Во Минхен, осум години порано, бевме сведоци на терористички акт во кој загинаа 11 члена од израелскиот тим, а во Монтреал, четири години подоцна, поради апартхејдот во Јужноафриканската Република, многу земји од Африка го откажаа своето учество на Олимпијадата и не допатуваа во Канада, за во Москва да бидеме сведоци на повторен бојкот. Овој пат како резултат на Студената војна што со години тлееше, ги немаше Американците и дел од нивните сојузници. Британците, кои до последен момент се колебаа, сепак, учествуваа на Игрите, но нивните спортисти што ќе се пласираа меѓу првите тројца не ги земаа медалите. Таков беше случајот и со британскиот атлетскиот тандем Стив Овет и Себастијан Коу. Првиот беше победник на 800, а вториот најбрз на 1.500 метри, во трки што и денеска се раскажуваат и се паметат. Тие беа шампиони, но останаа без олимписките медали.
Во една таква, малку позатегната атмосфера се одвиваа Олимписките игри во Москва, на кои Шабан Сејдиу дојде до првиот олимписки медал. Ја освои бронзата и ја продолжи трката со најдобрите светски борачи. Како ретко кој друг спортист со неполни 20 години тој имаше европско злато, светско сребро и олимписка бронза, а да не ги заборавиме и двете злата од Медитеранските игри и неколкуте од Балканијадите. Сето тоа придонесе Сејдиу да биде респектиран и вбројуван во најелитните светски борачи.

Сарај – база за создавање шампиони

По московската Олимпијада, требаше да се оди понатаму, зашто сега Сејдиу ја имаше онаа сигурност и доминантност во борбите со асовите. Затоа, за него и за другите борачи, Сарај стана секојдневие. Во оваа база се престојуваше по повеќе од половина година за да се одржи и крене формата. Полека овој центар прераснуваше во спортска база, во која покрај борачите најредовни гости беа боксерите на Приштина во чии редови беа Гаши, Хашани, Богуевци и Пеци, кои предводени од Љах Нимани неколку сезони беа прваци во поранешна Југославија. Сиот тој амбиент придонесуваше да се создаде еден победнички дух, во кој шампионите, меѓу нив се разбира во прв ред Сејдиу, а нешто подоцна и Шабан Трстена, ја калеа формата и секогаш од настапите на најквалитетните приредби се враќаа со медали.
Сликата се повторуваше: каде и да настапеше Сејдиу освојуваше трофеи. Една година по ОИ во Москва дојде Светското првенство во Скопје. Скопскиот саем беше местото на пресметката, а Сејдиу и, за жал, покојниот Киро Ристов беа нашите најголеми адути. Ова беше голема шанса за освојување медал, и тоа пред своите гледачи. На шампионатот, кој беше беспрекорно организиран, Ристов не успеа, стигна во првата осумка, а Шабан Сејдиу, и покрај тоа што се искачи на пиедесталот, не беше задоволен. Го посакуваше првото место, а заврши на втората позиција, исто како во Лозана четири години претходно. Тагата за испуштеното беше голема, зашто и во финалето Сејдиу не беше совладан. Мечот со Русинот Абсаидов заврши без победник 1-1, но противникот беше прогласен за победник поради тогашните правила, според кои, ако мечот заврши нерешено, победник е оној борач што прв ќе освои поен. Тоа во случајов беше Абсаидов, па така, нему му припадна златото. Интересно е и тоа што само неколку месеци подоцна се случи промена на правилата на ФИЛА, па сега оној што последен ќе освоеше поен во нерешената борба, тој стануваше победник. Но каква корист од тоа кога шампионатот во Скопје веќе беше минато. Она што доаѓаше во иднина тоа беше новиот предизвик за големиот ас Шабан Сејдиу, кој потоа вторпат стана европски првак, а вторпат освои уште една бронза на олимпијадите, овој пат во Лос Анџелес, во 1984 година.
Сејдиу потоа настапи на уште многу големи натпревари, но не успеа да се пласира меѓу најдобрите тројца и да се искачи на пиедесталот. Но кога ќе се погледне неговиот вкупен резултат постигнат на ЕП, СП, МИ, олимпијадите и на универзијадите може биде целосно да задоволен од постигнатото. Нема сомнение оти спаѓа во редот на најтрофејните борачи, не само на овие балкански, туку пошироко и на европските и светските простори. Впрочем двете сребра од светските првенства, потоа двете бронзи од олимпијадите и двете злата од европските шампионати го потврдуваат тоа.
Инаку, тој е еден од ретките борачи во светот што настапил на четири олимпијади, а притоа освоил и два медала.
Потоа животот на Сејдиу што се однесува до спортските активности и понатаму продолжи во борењето. Еден период тој настапуваше и за белградски Партизан во Првата југословенска лига, во грчко-римски стил. Иако не се бореше во неговиот слободен стил, тој и во грчко-римскиот стил одлично се снаоѓаше и беше еден од столбовите на познатиот клуб.
Неговите квалитети се вреднуваа од борачките работници, па така, еден период беше тренер и селектор на македонската репрезентација. Накусо кажано Сејдиу беше човек што со сето свое битие му припаѓаше на борењето. Затоа, таквите личности треба да се почитуваат.
Но шетајќи низ неговата биографија не треба да се испушти и фактот што потврдува оти беше ценет, не само во спортскиот туку и пошироко во општествениот свет. Имено, тој беше назначен за заменик-министер во првото Министерство за спорт во Македонија формирано на преодот од минатиот кон овој век. Потоа, Министерството за спорт беше укинато и помина во Агенција за спорт и млади, за минатата години конечно повторно да заживее како Министерство за спорт.