ИНТЕРВЈУ СО М-Р ЛИДИЈА НИКОЛОВСКА-ГЕОРГИЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОЈУЗОТ НА ПРОСВЕТНИ РАБОТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА (1)
- Да се биде наставник е многу одговорна и хумана работа, која бара пожртвуваност, спонтаност и човечност. Учителството е благородна професија што го подига човекот на еден висок – хуман пиедестал, како личност со високи морални и интелектуални квалитети, вели Лидија Николовска-Георгиевска, магистерка по психолошки науки – развоен психолог и гешталт-психотерапевтка, која втор мандат е претседателка на Сојузот на просветни работници на Македонија, во интервју за „Нова Македонија“, направено по повод Светскиот ден на учителите – просветните работници, кој се одбележува на 5 октомври
По повод Светскиот ден на учителите – просветните работници, кој се одбележува на 5 октомври, разговараме со Лидија Николовска-Георгиевска, магистерка по психолошки науки – развоен психолог и гешталт-психотерапевтка, која втор мандат е претседателка на Сојузот на просветни работници на Македонија (СПРМ). Станува збор за невладина, непартиска, непрофитабилна, доброволна и струкова организација основана во 1993 година, која ги обединува сите здруженија на просветни работници во Македонија.
Лидија Николовска-Георгиевска е шеста претседателка на СПРМ со долгогодишно работно искуство во предучилишното образование и воспитание. Меѓу другото, таа осум години била претседателка на Регионалното здружение на просветни работници во Куманово и Старо Нагоричане. СПРМ секоја година, по повод Светскиот ден на учителите, од пријавените кандидати, избира и прогласува просветни работници на годината. Според Правилникот за доделување награди и признанија, се доделуваат награди на просветни работници во следните категории: од предучилишно – воспитувач, од основно образование – одделенска настава и предметна настава, од средно образование – предметна настава, од установи каде што се работи со ученици со посебни образовни потреби, од заедниците и од стручните соработници и работници од предучилишно, основно и средно образование. Во повеќе наврати уметникот и хуманист Живко Поповски–Цветин на добитниците на признанието просветен работник на годината им донираше уметнички слики на темата „Цвеќе на мирот“, за што сојузот му доделил посебно признание.
Можете ли да ни кажете за структурата на членството, кои видови просветни работници се членови на Сојузот на просветни работници на Македонија, како и тоа каква е структурата на стручниот кадар на претседателството на СПРМ?
– Сојузот на просветните работници на Македонија е доброволна организација и легитимен претставник на сите просветни работници во Македонија од предучилишно, основно, средно, високо и образование на деца со посебни образовни потреби, како и други образовни институции, вработени, невработени и пензионирани просветни работници, односно сите лица што се инволвирани во образовно-воспитната работа во државата, а се зачлениле во сојузот. Истиот тој има свои тела и органи предвидени во Статутот, и тоа: собрание, претседателство и комисии. Претседателството го сочинуваат легитимни претставници од сите нивоа на образование (предучилишно, основно, средно и високо): воспитувачи, наставници, стручни работници и соработници (на пример: педагози, психолози, логопеди, специјални едукатори и рехабилитатор), професори на факултет и во моментот најголем дел од нив се магистри, доктори на науки и професори.
Наставникот се смета за најзначајната алка во образовниот процес без која не може да се постигне успех и да се формира висококвалитетна едуцирана и здрава личност. Според Вас, што претставува да се биде наставник и кои одлики е пожелно да ги поседува еден наставник?
– Да се биде наставник е многу одговорна и хумана работа, која бара пожртвуваност, спонтаност и човечност. Наставникот обезбедува правилен индивидуален пристап кон ученикот, треба да ги разбира потребите на ученикот и општеството и добронамерно да ги толкува промените и превирањата во општеството. Потенцирам дека наставникот – просветниот работник, систематски, индивидуално и институционално се усовршува на стручен план. Наставникот просветен работник треба да биде способен автентично да ги пренесе знаењата, да ги толкува и да ги развива способностите на учениците, студентите, децата и да гради личности што успешно ќе се носат со предизвиците во иднината.
– Сојузот има цел да ја мобилизира поддршката за учителите на 5 октомври и да се осигури дека учителите ќе продолжат да ги исполнуваат потребите на идните генерации. Професијата учител е благородна професија, која го подига човекот на еден висок – хуман пиедестал, како личност со високи морални и интелектуални квалитети. Иако Македонија има долга просветителска традиција, која во 9 век ја ширеше Свети Климент Охридски, сè уште не е обезбедена адекватна почит и високо вреднување на оваа професија. Сојузот ја продолжува својата мисија да поттикнува и да развива дејности што постојано ќе го иновираат, ќе го унапредуваат и ќе го интегрираат образованието на Македонија во европските и светските образовно-воспитни процеси и низ целокупната своја активност да го негува и остварува мултиетничкиот, мултијазичниот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на македонското општество.
Покрај нивната едукација, и поддршката кон учениците е, непроценливо, многу важна. Дали сметате дека помошта, а особено психолошката, е доволно застапена во образовниот систем во Македонија, а посебно во основното и во средното образование?
Психолошката помош во образовните институции се јавува како неминовна потреба, особено преку превентивни програми за резилиентност на учениците на стресни ситуации и сè уште има простор да се надоградува и продлабочува во сите сегменти од образовно-воспитната практика. Сите тие превентивни програми треба да ги следат актуелните превирања во општеството и да ги амортизираат неуспесите и тешкотиите на учениците, воспитаниците, студентите и на родителите, стекнувајќи вештини за подобра интерперсонална комуникација со ученици, родители и персоналот, како што се активно слушање, структурирани прашања (што, зошто, како), тимска работа, емоционална интелигенција – емпатија, колаборација и неуспехот да го доживуваат како поттик кон нов успех – вели, во разговор за „Нова Македонија“ м-р Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници на Македонија.
Кампања за подигање на јавната свест за суштинската важност на знаењето
Наставниците се херои на нашето време
Со почнување на кампања за подигање на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука го одбележа Светскиот ден на учителите, кој се одбележува на 6 октомври. Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел-дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.
Во присуство на стотина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, проф. д-р Билјана Камчевска, и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, м-р Лидија Николовска–Георгиевска, испратија порака дека токму наставниците се херои на нашето време. Тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите.
Живко Здравкоски