Одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел беше повод, заедно со новите напади врз Евреите во евроатлантскиот свет, да се интензивира дебатата за порастот на антисемитизмот. Во исто време американскиот претседател Доналд Трамп тогаш презентираше предлог за решавање на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Тој беше поддржан од многу арапски земји и ЕУ, како и од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој зазеде релативно позитивен став за тоа. Веста дека медиумската компанија „Си-би-ес“ го купи онлајн списанието „Фри прес – ТФП“ (Free Press – TFP) за неверојатни 150 милиони долари исто така помина под радарот. Мрежата е во сопственост на семејството Елисон, ИТ-магнати и семејни пријатели на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Дери Вајс, американска Еврејка што дипломирала на Универзитетот „Колумбија“ и го основала ТФП, покрај финансиската добивка, ќе биде и главна уредничка на „Си-би-ес“.
Во 2020 година таа ја напушти својата престижна позиција како колумнистка во „Њујорк тајмс“ бидејќи повеќе не можеше да го издржи теророт од воук-опсесијата. Во писмо што го објави по тој повод, таа забележа дека социјалната мрежа Твитер (сега Икс) станала и главен уредник на тој весник, иако тоа не е во неговиот импресум, истакнувајќи дека сопствениците и уредниците подлегнале на притисокот од воук „уредниците“ од мрежите, претежно симпатизери или членови на прогресивното крило на Демократската партија.
„Наместо да работат во потрага по вистината, новинарите се сведени на обични комуникатори на вистината што ја знаат само многу мал круг луѓе на врвот и што не е доведена во прашање од истражувачкото новинарство“, напиша таа.
По заминувањето, таа го основа списанието ТФП, првично наречено „Комон сенс“ (Common Sense). Весникот брзо стана влијателен. Прогресивците го обвинуваа дека е произраелски, а сега дека е наклонет кон претседателот Доналд Трамп. Но Вајс и нејзините колеги, спротивно на обвинувањата, охрабруваат и негуваат култура на дебата со неистомислениците, сметајќи ја за суштинска за одбрана на вредностите врз кои е основана Америка.
По нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, тие посочија на нагло зголемување на антисемитските инциденти низ целиот свет. Тие идентификуваа три главни центри што го шират новиот бран на антисемитизам: десничарскиот екстремизам, но и левичарскиот екстремизам и социјалните медиуми. Тие предупредија дека екстремниот антиционизам, забележлив на американските универзитети, може да се развие во антисемитизам.
Во говорот по повод првата годишнина од 7 октомври, Вајс повлече голем број паралели помеѓу масакрот и американската трагедија од 11 септември, а наедно забележа и застрашувачка клучна разлика. Имено, нападот на Ал каеда беше веднаш и широко осуден на глобално ниво, додека реакциите на терористичкиот напад на Хамас врз Израел вклучуваа „шокантна подготвеност“ да се оправда теророт.
Самата Вајс не беше изненадена од ова. Таа ги пронајде причините за овој вознемирувачки феномен во поширокиот контекст на еден вид тивок марш на либералната идеологија низ американските институции.
Овој идеолошки поглед ја уништува самата идеја за добро и зло. Ги заменува основните морални вредности со нов принцип: немоќните се добри, а моќните се лоши. Го заменува далтонизмот со опсесија со расата; идеите со идентитетот; дебатата со осудата; убедувањето со јавното посрамување; владеењето на правото со бесот на масите. Во овој нов поредок, авторитетот се доделува не според талентот, трудот и придонесот кон општеството, туку обратнопропорционално на „неправдата“ што ја претрпела групата, како што е дефинирано од радикалните идеолози… Присутен е дури и во основните и средните училишта. На крајот, го нападна судството… Толку многу ги проникна американските институции што многумина веќе не го забележуваат – бидејќи е насекаде. За Евреите, опасноста е очигледна: ако праведноста се мери со еднаквост на исходот, а не со можност, тогаш нивната „презастапеност“ (два проценти од населението на САД) не значи напор или способност, туку „незаслужена привилегија“.
Оваа логика лесно дегенерира во старите антисемитски митови за мала група Евреи што „го делат пленот на светот“. Вајс исто така наведе непријатно голем број престижни американски универзитети и кампуси каде што поддршката за Хамас и антисемитизмот почнаа да цветаат по нападот врз Израел.
Лигата против клевета, американска организација против клевета што ги следи антисемитските инциденти во Соединетите Американски Држави од 1979 година, исто така забележува пораст на антисемитизмот. Во 2024 година регистрирала 9.354 инциденти, што е зголемување од пет проценти во однос на претходната година. Во изминатите десет години антисемитизмот во Соединетите Американски Држави се зголемил за 893 проценти. Лигата конкретно истакнува дека антисемитизмот се зголемувал побрзо на американските универзитети во последниве години отколку на која било друга локација што ја следи, географски или институционално, сочинувајќи 18 проценти од сите регистрирани инциденти. Прашањето е до кој степен овој тренд е последица на воук-тоталитаризмот.
Поддршката на страдалните Палестинци во Газа и критикувањето на извозот на оружје се легитимни политички позиции. Се надеваме дека тие нема да застранат во тенденциите забележани на американските универзитети што го изедначуваат ционизмот со колонијализмот, на пример, и дека тие не претставуваат поддршка за екстремни антисемитски ставови – „од реката до морето“.
Јелена Милиќ
Авторката е политичка аналитичарка