Фото: „Нова Македонија“

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривични дела Криумчарење и Фалсификување исправи. Станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство преку фалсификување службени и други исправи. Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, против дел се веќе изречени пресуди, а за дел кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани, информираа од обвинителството.

– Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. Притоа искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото. Втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага. Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава – велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека третиот осомничен е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.

– Под сомненија за кривично дело Фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи. За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор. За едниот од нив кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода – информираат од обвинителството.