По „Чудесии“ и „Клетии“, Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ ја објавија и книгата „Игра со љубов. Болеста на коренот“ од академик Божин Павловски. Со оваа книга се заокружува трилогијата „Записи од надземјето“, со која највисоката научна и уметничка институција и првата приватна издавачка куќа во Македонија, заеднички, оваа година го чествуваат делото на овој мајстор на македонскиот збор. Во ова издание е вклучен и романот „Игра со љубов“, со кој Павловски дебитираше во далечната 1964 година, како и избор од неговите раскази, вклучително и од раните творечки години, едните и како враќање „Назад кон детството“, како што е насловен одделен дел на книгата, а други како „Ембриони од најраната младост“. Изданието се заокружува со „Записи како раскази“, важни за македонската културна меморија. Едновремено, со овој дел на книгата, како логична, но и творечка целина се заокружува и самата трилогија, бидејќи во претходните две книги од неа за првпат интегрално се објавија записите на Павловски што претставуваат и своевидна историја на македонската општествена и културна стварност во последните децении.
Академик Божин Павловски е еден од најголемите интелектуалци и најзначајни раскажувачи на македонската книжевност и култура.
– Водечко име на македонската современа литература, ретко успешен белетрист, со завиден квантум на раскажувачка, романескна и публицистичка продукција, двигател на силовитиот развиток на македонската прозна белетристика, чии дела се преведувани на други јазици, преведувани и често, и во завидна бројка, и максимално коментирани, е еден од оние наши современи литературни творци, коишто од страна на Блаже Конески фигуративно беа наречени „робусни автори“, имено токму како што овој латинизам („робустус“) значенски се рефлектира и во нашиот јазик, во смисла на силен, јак, снажен, тврд, крепок, здрав, цврст – има подвлечено академик Гане Тодоровски уште при осврнувањето кон дела од претходните творечки фази на Павловски.
Како што има нагласено академик Влада Урошевиќ уште во раните критички одгласи, „две нешта ги карактеризираат романите на Божин Павловски, давајќи им секогаш еден јасен белег на препознавање: на планот на надворешниот простор – лутања на релација родниот крај и далечините; на планот на внатрешниот простор – барања на една внатрешна оска, страсна потрага по одговорот на прашања од етички карактер што пред вознемирениот поединец ги поставува епохата.
– Барајќи ги, откривајќи ги и движејќи се по патиштата по кои се движат македонските откорнатици, Божин Павловски и самиот се пресоздаде во една од тие многубројни судбини на нашето драматично исчезнување: тој приживе доживеа сопствена инкарнација во темата која, безмалку, го прогонува цели четири децении: и неговата дарба и неговата свест и соништа – сега се поистоветени со таинствата и преобразбите на застрашувачката тема на можната македонска национална катастрофа – има подвлечено академик Анте Поповски уште во последната деценија на минатиот век.
Книгата „Игра со љубов. Болеста на коренот“, како и севкупната трилогија „Записи од надземјето“, е дел од собраните дела на академик Божин Павловски во 26 тома, во издание на МАНУ и „Матица македонска“.