Сто и петнаесет години од раѓањето на истакнатиот македонски писател Ѓорѓи Абаџиев како повод за потсетување на важните пораки од култниот роман „Пустина“

  • Опишувајќи ги солунските атентатори — гемиџиите, поточно внатрешната состојба на двајцата преживеани извршители на акциите — Арсо и Глигор, Абаџиев во ова свое дело ја вградува пораката дека секој на свој начин треба да го плати долгот кон својата татковина. Овој знаменит македонски книжевен деец како да зрачи и денес со пораките од својот роман дека македонскиот народ треба токму денес да се извиши кон „светлосна згорнина“ од „хаосниот мрак“ во кој го туркаат, дека треба „да се сврти кон себе и кон положбата во која се наоѓа“, барајќи ја „смислата на своето постоење во непрекинливата акција, во својата волја да дејствува“

„Навлегуваше во неговиот ум една јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина… Другарите, кои загинаа, го исполнија својот долг. Треба и ние да го исполниме нашиот долг… Неправдата постои, постоиш и ти, борецу против неа… Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба… Вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во волјата на човекот да дејствува“, напиша големиот македонски писател Ѓорѓи Абаџиев во својот историско-психолошки роман „Пустина“, во кој тематиката е земена од историјата, односно од периодот пред Илинденското востание, пролетта 1903 година. Опишувајќи ги солунските атентатори — гемиџиите, поточно внатрешната состојба на двајцата преживеани извршители на акциите — Арсо и Глигор, Абаџиев во ова свое дело ја вградува пораката дека секој на свој начин треба да го плати долгот кон својата татковина.
Овој знаменит македонски книжевен деец како да зрачи и денес со пораките од својот роман дека македонскиот народ треба токму денес да се извиши кон „светлосна згорнина“ од „хаосниот мрак“ во кој го туркаат, дека треба „да се сврти кон себе и кон положбата во која се наоѓа“, барајќи ја „смислата на своето постоење во непрекинливата акција, во својата волја да дејствува“.
На 7 октомври се навршија 115 години од раѓањето на Ѓорѓи Абаџиев и ова е нова соодветна пригода за навраќање кон неговата личност, кон неговиот живот и книжевното творештво, кое дури во последниве неколку децении и години го задобива своето заслужено место во македонската книжевност.

Активен деец во македонското ослободително движење

Ѓорѓи Абаџиев е роден на 7 октомври 1910 година во Дојран. Тој е истакнат македонски писател, раскажувач романсиер, историограф, публицист и сценарист. Со родителите емигрирал во Бугарија. Од 1934 до 1939 година, Ѓорѓи Абаџиев студира во Правниот факултет во Софија. Во овој период тој се вклучува во активностите на организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија и е еден поактивните дејци на македонското ослободително движење. Соработува со весникот „Македонски вести“, неофицијален орган на ВМРО (Об.), кој излегува во Софија во периодот од јануари 1935 до јануари 1936 година и во кој се застапуваат идеите за независна Македонија.
По забраната на „Македонски вести“ и прогонот на редакторите, тие работат полуилегално како Македонски публицистички кружок, нација и култура. Истата 1936 година, Абаџиев во Софија ги издава книгите „Последна средба“ и „Труд и луѓе“, кои се негови први уметнички цртици, репортажи и раскази.
Во 1938 година поранешните редактори на весникот и други се појавуваат како Македонски литературен кружок (МЛК). Абаџиев е еден од основачите на МЛК во Софија, во кој влегуваат македонски литерати од левата ориентација, од сите три дела на Македонија. Меѓу основачите и членовите на МЛК што ги поставуваат основите на современата македонска литература се наоѓаат имињата: Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Асен Шурдов, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Митрев, а подоцна се придружуваат Венко Марковски, Коле Неделковски и Митко Зафировски.
Програмскиот стремеж на Македонскиот литературен кружок, искажан преку лозунгот „Слободна и независна Македонија“, претставува еден од најзначајните настани што придонесоа во развојот на македонската национална свест. Во 1939 година членот и основач на Македонскиот литературен кружок Ѓорѓи Абаџиев, во својот критички осврт на расказ во кој се говори за борбата за ослободување од османлиите, во неможност да ја согледа македонската специфичност, односно кои се македонските херои, ќе истакне дека една од најважните задачи е да се пресоздаде македонската историска реалност. Истата година тој е еден од организаторите на штрајкот во фабриката, поради што бил отпуштен од работа.
Кружокот, кој работи сѐ до почетокот на 1942 година, постојано се собира на разни локации каде што пред македонската емиграција ги пропагира прогресивните идеи за ослободување на Македонија од туѓото ропство.
Во текот на Втората светска војна Ѓорѓи Абаџиев учествува во активностите против фашистичкиот режим во Бугарија. По падот на режимот во 1944 година станал член на привременото претставништво на ГШ на НОБ и ПОМ во Софија. Истовремено ја вршел должноста секретар на Комитетот на македонската емиграција во Бугарија, а во 1945 и 1946 година бил и член на Македонскиот научен институт во Софија. Во овој период тој бил и уредник на возобновениот весник „Македонско знаме“ (1945-1947), кој го брани постоењето на македонската нација и ги застапува барањата на македонскиот народ. Исто така, од 1946 до 1947 година, тој е член и на Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров“.

Еден од основачите на Институтот за национална историја на Македонија

Во 1948 година Абаџиев се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите, в.д. заменик-директор и еден од најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 г. тој е член на Друштвото на писателите, а во март 1953 година бил избран и како еден од секретарите на културното друштво „Матица на иселениците од Македонија“.
Литературната работа во татковината ја започнал со расказот „Двајцата другари“, кој е објавен во Скопје, во 1948 година. Потоа ја издал збирката раскази „Изгрев“ (Скопје, 1950), по што следуваат: „Епопеја на ножот“ (Скопје, 1951), „Последна средба“ (Скопје, 1953), романот „Арамиско гнездо“ (Скопје, 1954), романот „Пустина“ (Скопје, 1961), раскази „Табакерата“ (Скопје, 1962). Во 1972 г. се објавени неговите „Избрани дела“ во четири тома. Во сите негови дела историските теми имаат истакнато место и со право се смета за историски белетрист.
Во 1958 година сценариото за филмот „Мис Стон“ бил првиот чекор на Абаџиев во филмската уметност. Потоа пишува и сценарија и радиодрами. Во 1948 година за неговата работа е награден за проза од Владата на НРМ. Во 1961 година е награден со Октомвриската награда за романот „Пустина“.
По катастрофалниот земјотрес во Скопје (26.7.1963), Ѓорѓи Абаџиев бил евакуиран во Куманово. Претходно заболен, тој починал на 2 август 1963 година.

Богатото творештво посветено на македонскиот народ

Својата длабока приврзаност кон татковината Македонија и кон македонскиот народ, на кој му го посветил сето свое богато творештво, Абаџиев ги искажал преку некоја длабока случајна симболика и со денот кога неговата душа се преселила во вечноста и во трајното колективно помнење на македонскиот народ: умира токму на 2 август, на Илинден, кој како датум го разработуваше во своите романи, особено во „Пустина“.
Во октомври 2023 година Институтот за македонска литература од Скопје организираше научен собир по повод 60 години од неговата смрт. Валентина Миронска-Христовска во таа пригода нагласи дека Абаџиев има особено значење за македонската култура како еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
– Ѓорѓи Абаџиев и другите напредни и национално свесни членови на Македонскиот литературен кружок во периодот на многубројните национални, социјални, политички и општествени противречности го претставуваат континуитетот, односно алката во создавањето на македонската национална литература и на македонската култура воопшто. Притоа голем е влогот на Абаџиев во македонската прозна продукција, но и во македонската историографија и публицистика – укажа Миронска-Христовска.
Гоце Смилевски констатира дека неговиот роман „Пустина“ е првиот психолошки роман во македонската литература и наедно спаѓа меѓу најзначајните прозни остварувања во нашата книжевност.
Опишувајќи го татка си, писателот Ѓорѓи Абаџиев, угледната историчарка на уметноста Соња Абаџиева во едно интервју од 2023 година го означува како основоположник на психолошкиот роман во Македонија и изнесува еден важен детаљ од неговиот живот.
– Најдобри пријатели му беа две надарени, но повлечени сродни души: Блаже Конески и Васил Иљоски – нагласува Соња Абаџиева.
Блаже Конески и го одржува последното посмртно слово над гробот на својот пријател Ѓорѓи Абаџиев.

Свето Тоевски