Во Францускиот Сенат, во Луксембуршката градина во Париз, на 4 и 5 октомври се одржа симпозиум на тема „Европскиот дух и зошто сме сите ние Европејци“, со учество на триесеттина академици од сите европски земји.
Симпозиумот го отвори Жан-Патрик Конрад, Претседател на Европската академија на науките,книжевностите и уметностите од Империјал колеџ Лондон, а поздравни обраќања имаа академик Франциско Кариљо, Потпретседател на академијата од Шпанија, Ана Камбон-Томзен, Претседателка на Националниот центар за научни истражувања на Франција и Ален Малро, Претседател на Интернационалната фондација на бесмртниот француски писател Андре Малро.
Свечено обраќање на конференцијата имаше и академик Јордан Плевнеш, редовен член на Европската академија на науките,книжевностите и уметностите од 2015 година, и актуелен претседател на Академија Балканика Еуропеана, која беше формирана во октомври 2017 година во духот на Скопската декларација за духовното единство на Балканот и Европа, која беше организирана на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, со присуство на сите актери од балканскиот земји што го интерпретирале Хамле „Европа и Балканот – да се биде или не!“ На основачкото собрание во Букурешт за прв претседател на Академија Балканика Еуропеана беше избран, Јон Карамитру (1942-2021), познатиот актер и режисер од Романија и прв Министер за култура по падот на Чаушеску.
За втор претседател на Академија Балканика Еуропеана беше избран македонскиот писател со интернационално реноме, Јордан Плевнеш и заедно со врвни имиња од науката и уметноста од 12 земји од Југоисточна Европа ја продолжуваат дејноста на оваа прва наднационална академија, која ги гради мостовите за зближување на балканските цивилизации со поголем број проекти, коишто биле поддржани од УНЕСКО и поголем број светски фондации, а партнер е и на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз-Берлин-Вашингтон и на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во Преспа.
Од формирањето до денес, академијата го објавува списанито Bridge, чиишто главен уредник е Башким Шеху, познат албански писател што живее во Барцелона.
Академија Балканика Еуропеана минатата година, заедно со романското Министерство за култура ја воспостави наградата „Јон Карамитру“ и прв добитник беше познатиот европски режисер Тиаго Родригез, директор на престижниот интернационален театарски фестивал од Авињон.
Со посебно внимание на симпозиумот беше поздравен фактот дека уште во 2008 година, во Градскиот парк на македонскиот град Прилеп, во присуство на голем број балкански и европски културни дејци, беше поставено мермерно обележје по повод десетгодишнината од смртта на швајцарскиот писател Никола Бувие (1929-1998), којшто во својот светски бестселер „Употребата на светот“ (1961), токму во Прилеп ја напиша славната мисла: „Балканот е срцето на Европа.“
„Како може без срцето на Европа да се гради Европскиот дух?!“ – запраша во името на сите Европејци од Балканот, претседателот на на Академија Балканика Еуропеана, Јордан Плевнеш.