Писателот Александар Кујунџиски го прослави 79-от роденден

  • Драги другарчиња, денес ви претставуваме дел од творештвото на писателот за деца што има напишано дури 145 книги. Станува збор за познатиот македонски автор Александар Кујунџиски, кој е роден на 1 октомври 1946 година во Пехчево. Токму неговиот 79. роденден, одбележан минатата недела, беше поттик за нас, да ви прикажеме дел од неговата интересна биографија и неколку негови песни

Седумнаесет книги за една календарска година!

Александар Кујунџиски основно образование завршил во училиштето „Ванчо Китанов“ во родното Пехчево, гимназија во Берово и во Куманово, а Филозофски факултет во Скопје. Живеел во Пехчево, Штип, Берово, Куманово и во Скопје, а до сопственото човечко и творечко осамостојување работел како хуморист во Радио Скопје, како новинар во Редакцијата за емисии за деца и како уредник на списанието „Ловец“.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1987 година, а од 1990 година до неговото пензионирање во 2010 година бил самостоен уметник и важи за македонски писател со најдолг стаж како самостоен уметник. Мошне е интересно што Кујунџиски во 1994 година објавил 17 нови наслови! Тој е основач на книгоиздателството „Антолог“, кое успешно функционира од 1999 година.
Целиот свој живот го посветува на литературата, создавајќи во сите литературни жанрови: поезија, раскази, романи, сказни, драмски текстови, басни, гатанки, сликовници, хуморески, хаику, новели…

Сто и шеснаесет дела посветени на децата!

Како што рековме, Александар Кујунџиски напишал 145 книги, а замислете дури 116 од нив се литература за деца. Ќе споменеме само некои од насловите за деца создадени од перото на овој плоден автор, како што се стихозбирките: „Нека патува добрината“, „Во царството на другарството“, „И строфите растат“, „На крилјата од песните“, потоа збирките раскази „Немирен ден“, „Жарко Попарко“, „Ја сакаш ли природата?“, „Азбукарка“, „Компјутерџии“. Кујунџиски ги напишал и романите: „Кој сака да биде космонаут?“ и „Мотошишарка“, како и „Сказна за Тумбија“, „Расцветани сказни“, „Свадбата на Ежо и Ежа“, драмските текстови „Сцени без завеси“, „Џунгла в соба“, „Чисти артисти“, збирките со гатанки „Гатанки катанки“, басните „Џуџести џинови“, сликовницата „Глен-Супермен“ заедно со академик Васко Ташковски и уште многу творештво за деца и за возрасни.
Александар Кујунџиски е и приредувач на антологиите „Книгата дно нема“, „Веков е тркало“ и „Мисловно досие“. Неговата „Сакам книга“ е преведена и публикувана на 11 јазици.

Седумдесет и девет години живот, но творечкиот пламен продолжува!

Добитник е на четириесетина награди, меѓу кои ќе ги издвоиме наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
Многу негови текстови се испеани на детските музички фестивали „Златно славејче“ и „Поточиња“.
Но Кујунџиски сѐ уште не го испушта пенкалото од рака и подготвува нови книжевни изненадувања за детската и возрасната читателска публика. Во телефонскиот разговор што го направивме со Александар Кујунџиски, по повод неговиот роденден, ни откри дека есенва подготвува нова книга со басни за најмладите читатели, а на сите ви посакува што почеста дружба со страниците на македонската литература за деца.
Драг писателе Александар Кујунџиски, „Колибри“ ви посакува среќен роденден и огромни количества добра енергија и инспирација за нови творби што ќе ги радуваат децата, како и досега!


Повикот на висината

Коза како коза:
долу трева-плева,
таа гранки брсти,
на прсти се крева.

Со навика чудна:
Врвчиња им сече.
Високото лисје –
ко магнет ја влече.

Вчера дури купи
песок, цемент, тули.
Покрај вишна бука –
ќе градела кула.

За да има балкон.
На мансарда станче.
Највкусно ѝ било –
најгорното гранче.


Дабар-вајар

Покрај вода вирна
живееше Дабар.
Професија: вајар,
ни столар, ни забар.

Од најразни дрвја,
со забите-длета,
правеше скулптури,
веќе многу лета.

Од даб или бука,
орев или круша,
делкаше фигури,
со мерак, за душа.

А некни, тој пламна:
„Ќе остварам долг сон!
Еве дебел трупец.
Ќе извајам цел слон!“

Засука ракави.
Почна да го делка.
Небаре лист по лист,
вади, тенчи зелка.

Делкај, делкај, делкај,
трупецот се смали,
па мачка-ангорка
речи в час да прави,

Во творечка треска,
се занесе Дабар…
„Од трупчево, што?
Глувче или жаба?“

Продолжи и него
да го делка, сече:
„Стапче за ражен“-
– почна да го влече.

Острејќи го него,
„Што ќе стане ова!?
Чепкалка за заби,
ќе направам нова!“

Гризи, делкај, глодај,
не, не е за смеа,
уметникот дабар
ја зглода и неа.


Активности за учениците!

Песната „Повикот на висината“ прочитајте ја неколкупати и обидете се да ја научите наизуст.
Насловот од првата песна „Повикот на висината“ потсетува на наслов на една многу позната книга на американскиот писател Џек Лондон. Откријте која е таа?
Истражете за дабарот во книги, во енциклопедии или на интернет, видете како изгледа и научете повеќе за него, а потоа раскажете им на вашите другарчиња, на родителите или на наставничката.