Фото: Пиксабеј

Легендата за познатиот војсководец и чудотворната билка

Постојат легенди што на растението алое вера му припишуваат речиси чудесна моќ. Според преданието, оваа билка не само што лекувала рани и тешки болести туку еднаш дури и му го спасила животот на Александар Македонски.
Како природен еликсир, алое верата во текот на вековите била позната меѓу војсководците, исцелителите и мудреците, а нејзините лековити својства влегле во митовите што се пренесувале од колено на колено. Токму еден таков мит го поврзува најголемиот освојувач на античкиот свет со оваа необична билка, симбол на силата, обновувањето и бесмртноста.
Имено, за време на опсадата на Газа, 330 година пр. н.е, војсководецот Александар Македонски бил тешко ранет со стрела. Во текот на патувањето низ Египет и Либија неговата состојба значително се влошила. Раната се инфицирала и ужасно го болела.
На патот кон Персија, Александар Велики застанал во оазата Сива. Во оазата брзо стигнал и свештеникот што го испратил учителот на Александар, Аристотел. Свештеникот носел гел од алое вера од островот Сокотра во Јемен. Со употребата на оваа чудотворна билка, раната брзо целосно заздравела. Легендата понатаму вели дека Аристотел му советувал на Александар да тргне во експедиција и да го освои островот Сокотра во Арапско Море. Бидејќи островот во тоа време бил расадник на алое вера, познатиот војсководец така можел да обезбеди доволно резерви од оваа чудесна билка за целата војска. Затоа, луѓето подоцна верувале дека токму таа билка ја направила војската на Александар Македонски непобедлива.