Притиснати од високите трошоци, Eвропејците бараат креативни начини за заштеда во домашниот буџет
- Растот на цените, но и нееднаквоста меѓу земјите поттикнуваат нов бран т.н. прекугранични туристички пазарења во соседството, а тоа особено се чувствува меѓу жителите што живеат во некоја од соседните земји на Германија и на Шпанија. Наши иселеници што живеат со години во Австрија, во населени места во близината на границата со Германија, за „Нова Македонија“ истакнуваат дека последниве години веќе станало пракса жителите од околината, без оглед со какви примања и со какво потекло се, да ги посетуваат најблиските населени места во Германија и таму да пазарат за секојдневните потреби
Поскапувањето на храната и на другите основни продукти ги поттикна жителите на европските развиени земји на креативни „пазарења“. Растот на цените, но и нееднаквоста меѓу земјите поттикнуваат нов бран на т.н. прекугранични туристички пазарења во соседството, а тоа особено се чувствува меѓу жителите што живеат во некоја од соседните земји на Германија и на Шпанија. Пазарењето низ германските маркети станува поисплатлива опција за жители на Австрија, Швајцарија, Франција, особено за оние што гравитираат во близината на границата.
Многумина споделуваат искуства што и самите ги применуваат, а истакнуваат дека ги прават и соседите, без оглед дали се локално население или иселеници од балканските земји, додека европските медиуми пишуваат за здружување на населението во борбата со повисоките цени.
Наши иселеници што со години живеат во Австрија, во населени места во близината на границата со Германија, за „Нова Македонија“ истакнуваат дека последниве години веќе станало пракса жителите од околината, без оглед со какви примања и со какво потекло се, да ги посетуваат најблиските населени места во Германија и таму да пазарат за секојдневните потреби.
– Последниве четири години пазарењето во Германија станува секојдневие за најголем дел од жителите во околината. Ние сме во помало населено место во близината на Салцбург во Австрија, но редовно пазариме во Фрајласинг, германско гратче веднаш до Салцбург. Нашите соседи исто така практикуваат да пазаруваат во Германија, но тоа го прават и мои колеги и нивни пријатели и роднини. Секако причината се цените, кои во Германија се значително пониски. Таму ги има сите поголеми маркети, во кои цените знаат да бидат многу пониски отколку во австриските маркети. Еден од најпосетените е „Кауфланд“, но секако и другите германски маркети се поевтини од овие во нашата околина – објаснува наш сограѓанин, кој десетина години живее со семејството во Австрија, додавајќи дека иселениците не се единствени што пазарат во соседството, туку оти тоа го прават речиси сите што живеат во близината на границата.
Споделување автомобили за поевтино преку гранично пазарење
И луѓето низ Франција веќе пронашле модели како да се организираат при пазарењето во Германија, за да заштедат на секојдневните потреби. Низ Франција на големо се зборува и пишува за новата платформа насловена „Карклоп“, со која француските жители и купувачи можат да делат возење со автомобил за прекугранични патувања за да купат поевтини цигари и алкохол во други земји од ЕУ, како што се Германија и Италија.
Платформата беше лансирана во Франција на 11 септември, при што луѓето делат возења со автомобил од Франција или Белгија до неколку дестинации во Германија, Италија, Шпанија, па дури и во Андора. Со неа се олеснуваат прекуграничните повратни патувања за корисниците што сакаат да заштедат пари во време кога инфлацијата ја намали куповната моќ на француските граѓани.
– Името на платформата е игра на зборовите clope, сленг-термин за цигари на француски јазик. Го создадов „Карклоп“ од лична фрустрација. Живеејќи близу до германската граница, открив дека плаќам речиси трипати повеќе за цигари од моите соседи во Германија – објаснува основачот Филип Пулард, во неодамнешна изјава.
Пренесувањето луѓе преку границата значи губење ДДВ и осиромашување на локалните бизниси
Но тоа поттикна револт и реакција од францускиот синдикат на продавачи на тутунски производи, кои посочија дека размислуваат да преземат правни мерки против „Карклоп“ поради економската штета што може да ја предизвика кај секторот.
Франција има најскапи цигари во Европа, кои чинат 92 отсто повеќе од просекот на ЕУ. Пакет цигари чини просечно 12,5 евра во Франција, што е значително повисоко отколку во земји како што се Италија, каде што чини 6,2 евра, и Шпанија – 5,9 евра. Според „Карклоп“, редовните пушачи можат да заштедат до 1.445 евра годишно преку поевтино прекугранично купување.
Но и храната исто така чини повеќе во Франција, најмалку 11 отсто повеќе од европскиот просек, иако највисоките цени се во Швајцарија и Луксембург. Спротивно на тоа, најевтиниот пазар е Шпанија, каде што Французите можат да заштедат до 15 проценти од своите трошоци.
Најевтината земја за купување алкохол е Италија, со цени 15 отсто пониски од европскиот просек. Француските граѓани што патуваат на полуостровот за да купат вино, пиво и други пијалаци можат да заштедат до 16 отсто од конечната цена.
Повеќето прекугранични шопинг-патувања имаат тенденција да се одвиваат или индивидуално, што е поскапо од споделувањето автомобили, или преку фејсбук-групи, кои не нудат никакви гаранции за безбедност. Платформата на „Карклоп“ не е нелегална, сè додека корисниците ги почитуваат законските ограничувања за купување, како што се четири штеки цигари и не повеќе од десет литри жестоки пијалаци, сите за строго лична употреба. Компанијата, која задржува 15 отсто провизија од патувањата, им овозможува на корисниците да патуваат максимум двапати месечно. Е.Р.