АЛПСКО СКИЈАЊЕ

  • Братен е фокусиран на победа, но сезонава во СК има поголема цел, титула во Светскиот куп. „Јас сум тука за да победам. Јас сум тука за да станам најдобар. Но мојата дефиниција за успех лежи подалеку од самата победа. За мене, победата ми овозможува да ја поставам сцената, но начинот на кој танцувам на таа сцена служи за целта“, рече тој, пренесе ИОК

Може да се каже дека тешкиот дел е зад ѕвездата во алпското скијање Лукас Пињеиро Братен. Тој заврши цела сезона како единствен натпреварувач на Бразил во Светскиот куп (СК), докажувајќи си себеси и на своите критичари дека неговиот сон е возможен. Но може да се тврди и дека тешкиот дел е пред него, носење на надежите на 200 милиони луѓе за да се донесе дома медал во алпско скијање на Зимските олимписки игри (ЗОИ) в година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). На неодамнешната прес-конференција во Милано, Братен зборуваше за својата ролеркостер-сезона 2024/2025 во СК, која вклучуваше пет места на подиумот и историска пресвртница како прв Бразилец што се искачи на подиум на СК во алпско скијање. Тој вели дека го изгубил патот на средина од сезоната со тоа што премногу се фокусирал на победата, пред да се потсети на она што го движи.
– Повторно почнав да скијам со срце. И тоа е можеби најважното нешто што го внесувам во новата сезона, да скијам со срце. Јас сум тука за да победам. Јас сум тука за да станам најдобар. Но мојата дефиниција за успех лежи подалеку од самата победа. За мене, победата ми овозможува да ја поставам сцената, но начинот на кој танцувам на таа сцена служи за целта. Мојот сон е да инспирирам, не само скијачи или спортисти, сакам да бидам пример за личност што одела по својот пат и ја следела својата интуиција – рече тој, пренесе ИОК.
Патот на Братен вклучува страсти надвор од алпското скијање, вклучувајќи талент за мода и манекенство, а фотогеничниот 25-годишник неодамна објави и нова линија за нега на кожа за време на „Неделата на модата“ во Милано, пишува ИОК. Тој вели дека сака да покаже како ги следел сопствените соништа.
– Не е на другите да одлучуваат кој е вашиот сон – рече тој.
Се надева дека ќе ја прошири публиката на спортот и ќе се поврзе со нова генерација фанови во Бразил и пошироко.

– Мислам дека приказната зад резултатите е таа што навистина има потенцијал да инспирира некого. Но за да го имате тој глас, треба да бидете исклучителни. Победата е исклучителна – рече тој.
Братен сезонава во СК има поголема цел. Покрај тоа што ќе се натпреварува во секоја трка во слалом и во велеслалом сезонава, тој ќе учествува и во одбрани трки во супервелеслалом во потрага по големиот Кристален глобус, за титулата во СК. Братен го освои слаломскиот глобус во сезоната 2022/2023, претставувајќи ја Норвешка. Натпреварувајќи се за Бразил лани, тој трипати се искачи на подиумот во слалом и двапати во велеслалом, подобрувајќи го својот пласман од 41. место во почетокот на сезоната на петто место во неговите дисциплини и шесто во генерален пласман. Првата сезона беше со подеми и падови. Братен го вкуси раниот успех, но вели дека притисокот за победа речиси го исфрлил од колосек.
– Штом моето внимание беше насочено кон победата, одеднаш повторно скијав за некој друг, токму она од што се борев да се одвојам – рече тој, нагласувајќи дека за да ги испорача своите најдобри перформанси, „важно е да скијаш за нешто поголемо од статистика“, пренесе ИОК.
Кога го прашаа за неговото отсуство од освојување големи медали, Братен беше јасен во својот став, неуспехот е она што ја прави победата можна. Тој им ја припишува на тие неуспеси можноста за најдобро скијање во неговата кариера. Братен веќе пишува историја како прв бразилски спортист што стигнал до подиум на СК во алпско скијање. Но со тој успех доаѓа и огромен притисок.
– Свесен сум дека јас сум кандидат во име на Бразил да ги вратам медалите. Ако не успеам во тоа, сѐ е моја вина. Притисокот е можеби најстрашната работа со која еден спортист мора да се справува секој ден, но тој е еднакво она што го прави уметност. Притисокот е привилегија – рече тој.
Братен, исто така, ја сподели својата еднакво голема страст за привлекување повеќе бразилски фанови на алпското скијање.
– Ништо не ме трогнува повеќе од гледањето скијачки трки емитувани во живо на плажата Копакабана. Тоа за мене претставува промена. Се надевам дека ќе можам да продолжам да придонесувам, проширувајќи го она што овој прекрасен спорт им го нуди на луѓето секој ден – рече тој, пренесе ИОК. Н.М.