ЕП 2025 ВО ПАРАСТРЕЛАШТВО ВО ОСИЕК

  • Како и на ПОИ 2024, така и овде, мал недостиг од спортска среќа ја оддалечи Оливера од освојување медал, вели тренерот и селeктор на македонската репрезентација, Јовановски

Најдобрата македонска параолимпијка Оливера Наковска-Бикова го освои четвртото место на Европското првенство (ЕП) во парастрелаштво, во Осиек (Хрватска), дисциплината во пукање со спорт-пиштол од 25 метри. На ЕП настапуваат 180 стрелци од 33 држави. Откако избори пласман во финалето во дисциплината спорт-пиштол од 25 метри како осмопласирана со 559 погодени круга, малку недостигаше да се закити со медал во финалето.
– Како и на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година, така и овде, мал недостиг од спортска среќа ја оддалечи Оливера од освојување медал. И таму, и овде, имаше многу погодоци во центар, во една серија дури пет од можни пет, но ѝ се броеше само еден, бидејќи во финале се бројат само погодоци поголеми од 10,2, а нејзините беа 10,1 и 10. Голема штета, оти сѐ другото беше парфектно изработено и ќе се вратевме со медал. Сепак, Оливера беше на висината на задачата и стори сѐ што требаше да стори за едно добро финале – изјави тренерот и селектор на македонската парастрелачка репрезентација, Бранимир Јовановски.
Наковска-Бикова ќе се натпреварува и во дисциплините пукање од 10 метри и од 50 метри. Во Осиек настапува и вториот македонски учесник, Александар Јовановски, во дисциплините пукање од 10 и од 50 метри со воздушен пиштол. Тие двајца ќе настапат и во дисциплината воздушен пиштол микс од 10 м. Наковска-Бикова, која е носителка на златен медал од ПОИ во Лондон во 2012 година, настапила на сите ПОИ досега, почнувајќи од 2004 година, а секогаш била финалистка. ПОИ во Париз беа шести во низа, а норма за таму обезбеди во 2023 година, освојувајќи го златниот медал на Светското првенство (СП) во Обединетите Арапски Емирати, во дисциплината П4-пиштол слободен избор од 50 метри. Г.И.