Европските елити заборавија дека големите државнички бенефити се плод на силна дипломатска активност
- Постојан критичар на погрешните европски политики е на пример европскиот бизнис-сектор, кој уште од почетокот на војната во Украина констатира дека „актуелните европски либерални елити ја водат Европа кон пропаст“. Тие ги лоцираат причините во магливата неолиберална визија за развој на Европа, раководството на ЕУ што го сочинуваат „воените јастреби“ со идеологија што води кон конфликти, и внатрешни и надворешни: економски, трговски, енергетски, социјални итн., вклучувајќи и воени конфликти, што е повеќе од очигледно. Натаму, слабите лидерски капацитети на актуелното европско водство се огледаат во тоа што тоа не само што не е подготвено да се справи со ниту еден предизвик туку секојдневно генерира нови и нови проблеми…
Последниот самит на Европската Унија покажа дека без вистинско европско лидерство, Унијата не може да донесе ниту една одлука, така што ваквите собири повеќе се претвораат во непродуктивни средби, на кои освен куртоазните ракувања, гушкања и делење насмевки пред објективите на фоторепортерите, суштински не се носи никакво решение за насобраните проблеми.
Од тие причини, ЕУ со години се доживува како некредибилен партнер, кој намерно е изоставен од сите поважни состаноци на кои се разговара за геополитичките прашања, бидејќи блокот за ниту едно важно прашање нема унисона политика, туку секоја земја членка настапува од позиција на сопствените интереси.
При една таква констелација на внатрешните односи во ЕУ, а без вистински лидер, европските политики се предмет на сѐ поширока континуирана критика од луѓе од сите области.
Токму затоа ЕУ не треба да се оглушува на критиките, туку да ги сфати добронамерно и преку интензивни дипломатски активности да се обиде да почне да ги решава сите отворени прашања што ја туркаат Унијата кон амбис. Импулсот кон таквото европско завртување кон активната дипломатија, наместо носење одлука од мал круг луѓе, треба да го дадат и малите земји, меѓу кои и Македонија, кои преку својата дипломатска активност можат полесно да ја артикулираат сопствената позиција во европските кругови.
Актуелната европска гарнитура ја води ЕУ во пропаст
Во меѓувреме токму поради изоставувањето на дипломатијата и монополизирањето на одлучувачката улога меѓу потесен број политичари во врвот на ЕУ, расте незадоволството од ваквото водење на ЕУ. Во последно време постојан критичар на погрешните и импотентни европски политики е европскиот бизнис-сектор, кој уште од почетокот на војната во Украина констатира дека актуелните европски либерални елити ја водат европската економија кон пропаст. Тие ги лоцираат причините во слабите лидерски капацитети на актуелното европско водство, кое не е подготвено да се справи со ниту еден предизвик.
Најдобра илустрација за она што вистински се случува со либералното водство на ЕУ се зборовите на првиот човек на нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Мајкл О’Лири, кој ги обвини првите луѓе на Унијата дека се неспособни да ги решаваат проблемите.
– Немам доверба во европските лидери, кои седат, пијат чај и јадат бисквити – изјави О’Лири непосредно пред одржувањето на неформалниот состанок на Европскиот совет во Копенхаген, на кој, меѓу другото, се расправаше за воведување таканаречен „ѕид од беспилотни летала“ како одговор на упадите со беспилотни летала во просторот на повеќе европски аеродроми, поради што штети трпат авиокомпаниите.
Тој ја заврши својата критика со остра порака до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со барање таа да се повлече од функцијата.
– Немам доверба во Фон дер Лајен. Таа е бескорисна и треба да се повлече – рече О’Лири.
Тоа јасно говори и за еден друг сегмент, дека кога на чело на ЕУ доаѓаат лидери што немаат мандат од народот, односно не биле избрани на непосредни избори, тие не уживаат доверба ниту од граѓаните и, што е уште пострашно, не чувствуваат одговорност за она што го прават.
ЕУ не може да донесе свои одлуки оти слуша диктати од страна
Повеќето европски аналитичари и коментатори се согласни со констатациите дека европските самити ја отсликуваат нефункционалноста на ЕУ, а причините повторно ги наоѓаат во слабото или никакво лидерство, кое ја истисна активната европска дипломатија далеку на маргините.
– И на последниот самит во Копенхаген се покажа дека европските лидери повеќе зборуваат отколку што прават нешто. Планираните два часа на кои требаше да се разговара за одбраната се претворија во двојно повеќе и повторно ништо не можеше да се заклучи од јаловите разговори. Тоа јасно говори дека актуелното европско лидерство нема визија што треба да направи, туку упорно повторува за некаква воена закана врз европскиот континент. На крајот сите прашања останаа неодговорени, така што дилемата што се наметнува е зошто воопшто и се одржа високиот состанок во Копенхаген ако не се донесоа никакви одлуки, ниту за одбраната, уште помалку за проширувањето – констатираат некои од европските аналитичари.
Други, пак, слично како првиот човек на „Рајанер“, за нефункционалноста на ЕУ прстот го вперуваат директно кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а некои од европските медиуми во своите колумни ја поставуваат и дилемата дали со Унијата раководат европските челници или некој друг.
– Претседателката на ЕК му дозволи на претседател на земја зафатена со крвава и неизвесна војна да им дава инструкции на поединечни земји членки, па дури и на заедницата, за тоа што да прават и како да го прават тоа. Политички и правно гледано, дури ни шефот на Комисијата, според договорите на ЕУ, нема овластување во сферата на надворешната политика и безбедноста што Фон дер Лајен го присвои наместо да го развива внатрешниот пазар на ЕУ. Се наметнува дилемата каде е тука онаа моќна европска дипломатија што беше растрчана насекаде, која подготвуваше решенија и на некој начин беше клучна и при процесите на проширување. Во последните десет дена гледаме дека Володимир Зеленски им се обраќа на европските нации, една по една или колективно, како што Винстон Черчил еднаш им се обрати на Британците. Во исто време, претседателот на Украина влегува во многу остри судири на политички интереси со поединечни земји членки, а институциите на ЕУ (како Зеленски да е Фон дер Лајен) се користат за притисок врз „проблематичните членови“, кои, поради неговите идеи, не сакаат да претрпат економска или финансиска штета над нивоата што ги сметаат за прифатливи. Зеленски успеа да оркестрира политички и економски многу сомнителни интервенции на Унијата на територијата на Романија и Молдавија, а во моментов јавно ги понижува, буквално ги уништува премиерите на Унгарија и на Словачка. Тој редовно им држи лекции дури и на Германците. Тогаш, за какво европско функционално лидерство говориме? Дали тие за нешто воопшто носат одлуки или некој друг одлучува за нив? Крајно време е Европа да почне да се однесува зрело и да почне да ги решава проблемите, кои актуелните европски елити очигледно очекуваа некој друг да им ги реши, а тие да продолжат да ги уживаат благодатите на високите функции на кои се најдоа без да бидат избрани од народот – се наведува во дел од колумните во европските медиуми.
Дали Европската политичка заедница еволуира во пример како со почитување на националниот суверенитет на земјите може да се изгради вистинска европска приказна
Образец по кој ЕУ треба внатрешно да се трансформира?!
- Се потврди дека на досегашните шест самити на Европската политичка заедница барем можеа да се слушнат поконкретни дискусии за проблемите со кои се соочува секоја земја, а во контекст на нејзиното коегзистирање во рамките на Европа. Како и да е, ваквиот формат дава многу попродуктивни дискусии за европската иднина воопшто, отколку она што можеше да се слушне на самитот на ЕУ
Последниот самит на Европската Унија во Копенхаген покажа дека вака внатрешно организираната заедница едноставно не може повеќе да функционира и дека итно се потребни реформи што од Унијата ќе направат функционално тело способно да носи одлуки и решенија.
Доволно е само да се слушнат изјавите на дел од учесниците присутни на неформалните лидерски средби на кои се разговарало за клучните прашања пред кои е исправена Европа, за да се констатира дека нешто сериозно не е во ред со ваквата внатрешна поставеност на Унијата.
– Никогаш не се очекуваше дека ќе се донесе одлука за овие работи прекуноќ, тоа се сложени прашања што допираат до националниот суверенитет – изјави функционер информиран за дискусиите на лидерите.
Ако фокусот на самитот се одбраната, помошта на Украина и проширувањето, а притоа не се донесе никаков заклучок, уште помалку одлука, туку се констатира дека за носење одлуки е потребно време, тогаш дефинитивно работите внатре во Унијата чкрипат.
Од друга страна, во Копенхаген паралелно се одржа и седмиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ), на кој учествуваа околу 47 шефа на држави и влади, меѓу кои и македонската претседателка Гордана Силјановска–Давкова.
Се потврди дека на досегашните шест самити на Европската политичка заедница можеа да се слушнат поконкретни дискусии за проблемите со кои се соочува секоја земја, а во контекст на нејзиното коегзистирање во рамките на Европа. Ваквиот формат дава многу попродуктивни дискусии за европската иднина воопшто отколку она што можеше да се слушне на самитот на ЕУ.
– Ако своевремено Европската политичка заедница се доживуваше како некаква европска втора лига, сега можеби овој концепт и не е така лош во фонот на внатрешните реформи на ЕУ, конечно да сфатат европските лидери дека не можат со централизиран пристап да наметнуваат политики што се директно на штета на некоја држава. ЕПЗ е пример како само со почитување на националниот суверенитет на сите земји може да се гради вистинска европска приказна, необременета со уцени, условувања и слично. Напротив, на тој начин секоја земја преку засилени дипломатски активности ќе може да понуди сопствена визија како таа себеси се гледа во идната Европа и на тој начин и ЕУ да почне одново да го осознава својот вистински карактер, мултикултурна Унија во која ќе се почитува секој. На прв поглед сето тоа изгледа комплексно и тешко остварливо, но доволно е Унијата да се врати на изворните начела и секоја земја што ги прифаќа овие европски базични критериуми да биде примена, без никакви вета и блокади од некоја друга членка. Унифицираните правила и критериуми ќе значат јасен курс кон што се стреми Европа и на тој начин и одлуките утре ќе се носат правовремено, без одложувања, оти се покажа дека новите геополитички превирања бараат издржани одлуки и решенија, а не празни фрази и бесконечни состанчења. Тоа ќе ги направи ЕУ и Европа кредибилни играчи на геополитичката сцена, па затоа наместо да се кочи процесот на проширување, ЕПЗ нека биде новиот модел за една нова, обединета, силна и функционална ЕУ наместо актуелното тесно друштво, кое очигледно за ништо не може да се договори – заклучуваат аналитичарите. С.Т.