Шенжен – од рибарско село до високотехнолошки мегалополис

Шенжен, приморски мегалополис што се наоѓа во јужната кинеска провинција Гуангдунг, за само неколку децении, поточно 45 години, од мало рибарско село се претвора во еден од најдинамичните и најнапредни градови во земјата, глобален центар за производство, иновации и финансии. Со население од околу 17,5 милиони жители, Шенжен е трет град по големина на кинеското копно според урбаното население. Економски предничи по својот бруто-домашен производ, надминувајќи ги дури и Пекинг, Шангај и Гуангџоу. Пристаништето на Шенжен е четврто најпрометно во светот и тука всушност се раѓа идејата за создавање специјална економска зона на Кина. Во 1978 година тоа е скромен трговски град со 330.000 жители, за до денес да израсне во метропола со 12 окрузи поврзани со Хонгконг. Современи стаклени небодери може да се видат на хоризонтот онаму каде што некогаш биле пусти полиња. Со трансформацијата, градот станува познат по својата футуристичка панорама и по улогата на глобален технолошки и производствен центар. Еве зошто го нарекуваат град на иднината.
Високотехнолошките индустриски паркови на градот се модернизирани; локалните компании произведуваат свои брендови на паметни телефони, телекомуникациска опрема, дронови, електрични возила, па дури и хуманоидни роботи. Тука идеите за кратко време стануваат производи.

„Тенсент“ го направи невозможното – создаде една апликација буквално за сѐ

Шенжен е најпознат по брзиот раст и високотехнолошкото производство. Познат е и како кинеска престолнина на електрониката, а го нарекуваат и Силициумска Долина на хардверот. Но надвор од земјата, во глобални рамки најмногу го препознаваат како дом на компанијата „Тенсент“. Оваа светски водечка интернет и технолошка компанија развива иновативни производи и услуги за подобрување на квалитетот на животот на луѓето низ целиот свет. Основана е во 1998 година, со седиште во Шенжен, Кина, а принципот на дејствување е да ја користи технологијата за општото добро. Комуникациските и социјалните услуги што ги нуди „Тенсент“ поврзуваат повеќе од една милијарда луѓе низ светот, помагајќи им да останат во контакт со пријателите и семејството, да имаат пристап до транспортот, да плаќаат за секојдневни потреби и дури да се забавуваат. Исто така од тука произлегуваат некои од најпопуларните видеоигри во светот и содржини со висок квалитет, збогатувајќи ги интерактивните забавни искуства за луѓето низ светот. „Тенсент“ нуди и низа корпоративни услуги за поддршка на дигиталната трансформација и растот на бизнисот на многубројните клиенти. Компанијата е на берзата на Хонгконг од 2004 година.
Ако ги погледнете највредните компании на светот, нема да се изненадите што меѓу нив се наоѓаат „Епл“, „Мајкрософт“ и „Гугл“, но едно име сепак се истакнува – „Тенсент“, која, според процените, вреди повеќе од „Фејсбук“, „Мастеркард“ и „Самсунг“. Тоа е првата кинеска компанија чија вредност надмина 500 милијарди долари (2018 г.), а нејзиниот директор Пони Ма беше прогласен за еден од најмоќните луѓе на светот според „Форбс“.
Во татковината на „Тенсент“, Кина, сите се свесни дека оваа компанија доминира во нивните животи – затоа што го постигна речиси невозможното – една апликација да владее со сѐ. „Тенсент“ ја создаде апликацијата наречена Вичет, која ја користи речиси целата популација од 1,4 милијарда луѓе во просек од четири часа секој ден, повеќе отколку што просечниот американски корисник поминува на сите социјални мрежи. Причина за таквата популарност на Вичет во Кина е тоа што е практично секоја апликација што можете да ја замислите сè наоѓа во една апликација. Вичет може да се замисли како апликација во која на едно место ги имате: Фејсбук, Пејпал, Вотсап, Нетфликс, Гугл, Спотифај, Убер, Тиндер, Зум, Јутјуб, Амазон и многу други… Плаќате сметки преку неа, повикувате пријатели преку неа и во основа го живеете целиот свој живот преку неа.
„Тенсент“ и натаму продолжува да се шири и да расте на нови подрачја. Иако во 1998 година почнала со мал почетен влог од само илјада долари и била на работ на банкрот, денес е една од најбогатите и најмоќни компании во светот.

Роботите во Кина повеќе не се само изложбени експонати

Шенжен е дом и на напредната „УБТех роботикс“, кинеска компанија што се занимава со развој и производство на хуманоидни роботи и вештачка интелигенција, позната по своето роботско истражување и комерцијализација, како и развој на напредни технологии. Компанијата е основана во 2015 година и се фокусира на три главни сценарија: индустриско производство, комерцијални услуги и домашна придружба, со цел да ги воведе своите роботи во сите домови и во индустријата. Особено станува позната откако го претстави првиот хуманоиден робот во светот што може да ја замени сопствената батерија.
Компанијата, која имавме можност да ја посетиме, основана во 2012 година, е водечка во производството на хуманоидни и паметни сервисни роботи. Се занимава и со истражување и развој, дизајн, паметно производство и комерцијализација на паметни сервисни роботи, а развиени се паметни роботски решенија што интегрираат хардвер, софтвер, услуги и содржина. Овие решенија покриваат разни индустрии, како што се образование со вештачка интелигенција, паметна логистика, паметна грижа за стари лица, бизнис и потрошувачки услуги.
Најсовремениот робот на „УБТех“ е „Вокер С2“ (Walker S2), најдобар комерцијализиран хуманоиден робот во природна големина во Кина. Индустриските хуманоидни роботи од серијата „Вокер С“ веќе се вклучени во поголемиот дел од производствените линии на автомобилските компании за да извршуваат различни задачи. Најинтересно е дека кога на „Вокер С2“ батериите ќе му се истрошат, способен е сам да си ги наполни за само три минути. Оди на две нозе, се качува по скали, а може и да трча.
Меѓу експонатите што ги видовме е и „Алфа Мини“ – робот наменет за деца. Се користи во училиштата бидејќи може да предава лекции, да раскажува приказни и да ги учи децата да програмираат. Тој препознава гласови, може да разговара, да танцува, да покажува емоции преку мимики, но и да чита.
Компанијата има серија роботи замена за домашни миленичиња со кои децата можат да си играат и да разговараат, да се грижат како за вистинско животинче. Некои од нив имаат толку развиена интелигенција и меморија, што можат да ви дадат и емоционална поддршка. Особено се интересни роботите полициски кучиња, кои можат да се движат, а главната карактеристика им е што, скенирајќи лица, можат автоматски да ги препознаат лицата по кои се трага. Оние поедноставните роботи што служат за чистење на домот, за носење храна во рестораните или собна услуга во хотелите веќе имаат широка примена во секојдневниот живот во Кина. Од компанијата веруваат дека иднината на човештвото лежи во соживотот на луѓето и роботите и нивната крајна цел е што поширока примена на роботите во домаќинствата и во индустријата.

„Мало семејство“ што го освојува светот – глобално

Глобалниот центар за услуги „Гоу глобал“ е развиена холистичка платформа за интернационално поврзување на кинеските компании со светскиот пазар, како и за пробив на странските на кинескиот. Оваа меѓународна агенција е основана во 2006 година и одобрена од Министерството за трговија на Кина, членка е на Федерацијата на претприемачи на Шенжен од 2010 година и членка на Светската алијанса за транспорт и трговија од 2013 година. По многу години постојани заложби развива интернационална база од близу 200 партнери, глобални компании и агенции и опслужува над 150 компании низ Европа, Јужна Америка, Средниот Исток и Јужноисточна Азија. Пристаништата на Шенжен, Хонгконг и Гуангжоу се базите, но стабилно се шири и на другите важни пристаништа во Кина.
Оваа платформа вложува многу во проучување на потребите на клиентите и се води од мотото дека иновацијата е првата производствена сила. Таа им нуди на клиентите навремени и високоефикасни логистички решенија во аспектите на трговијата со стоки, финансии во снабдувачката мрежа и слично.
– Ние сме како едно семејство што го освојува светот – глобално, секогаш ги дочекуваме нашите домашни и странски пријатели со отворено срце, искреност, учтивост. Исто така, се трудиме да создадеме поголеми бенефиции за нашите клиенти – велат од компанијата.
„Гоу глобал“ е организатор и на голема регата, на која учествуваат над илјада топ тимови за пловидба.

Екопаркот Наншан може да процесира над 2.300 тони комунален отпад

Екопаркот Наншан се наоѓа на бројот 1.032 на булеварот Маван во округот Наншан, покривајќи површина од приближно 96.000 квадратни метри, вклучувајќи Фаза I и Фаза II. Во моментов екопаркот може да процесира над 2.300 тони комунален отпад дневно во согласност со најстрогите правила за еколошки испуштања во земјата, додека истовремено третира и дел од комуналниот отпад од округот Футиан и Луху. Паркот не само што го решава проблемот со урбаното домашно загадување туку и служи како центар за едукација, издигање на јавната свест за заштита на животната средина, научно истражување и туризам (индустриски туризам и рекреација). Идејата е Шенжен да стане град со нулта отпад.
На покривот на објектот се наоѓа кафулето „Скај бар“, од каде што се протегаат прекрасен поглед на морето и панорамски поглед на високите облакодери на градот.
Во моментов во изложбената сала на објектот е поставена изложба на рециклирана уметност што го прикажува растот на Кина во последниве 40 години од агрикултурно прединдустриско општество во дигитално и технолошки развиено. Таквата обнова како последица има големо количество на отпад, поради што рециклирањето и регенерацијата стануваат приоритет, создавајќи нова врска помеѓу човештвото и животната околина. Уметноста, која по својата природа е непрофитна, е можеби еден од најдобрите начини за креирање социјална етика, која е и отповеќе нужна во новата ера на урбаниот развој. Експонатите од оваа изложба (слон изработен од картон, џиновска светилка од жолти пластични шишиња други скулптури изработени од рециклирани материјали) се обидуваат да го покажат токму тоа преку визуелно занимлив израз.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина