Предлог-законот, кој сè уште не е доставен до парламентот, им овозможува на вработените да работат 13 часа на ден за ист работодавец под исклучителни околности, за дополнителна плата. Работното време што вклучува прекувремена работа ќе биде ограничено на 48 часа неделно, со дозволени максимални 150 часа годишно

Во Грција генерален штрајк

Грција воведе 24-часовен генерален штрајк во знак на протест против владините планови за воведување нов закон за труд, според кој, работниот ден би траел 13 часа. Протестни маршеви се одржаа во Атина и во Солун, а демонстрации беа закажани и во други градови. Штрајкот, по иницијатива на двата најголеми грчки синдикати, целосно ги запре транспортот и јавните услуги, вклучително и во училиштата, судовите, болниците и општините. Сообраќајот беше речиси во целосен прекин – возовите, фериботите и таксијата во Атина не сообраќаа, додека автобусите, градското метро, ​​трамваите и тролејбусите работеа по изменет режим.
Предлог-законот, кој сè уште не е доставен до парламентот, им овозможува на вработените да работат 13 часа на ден за ист работодавец под исклучителни околности, за дополнителна плата. Работното време што вклучува прекувремена работа ќе биде ограничено на 48 часа неделно, со дозволени максимални 150 часа годишно.
Пробизнис ориентираната влада на премиерот Киријакос Мицотакис се соочи со растечко незадоволство поради предложените измени, при што работниците тврдат дека тие не само што ги кршат нивните права туку ги уништуваат и сите надежи за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Синдикатот Паме, поврзан со Комунистичката партија, ја спореди новата мерка со „модерно ропство“.

– Грците веќе се принудени да преживуваат со едни од најниските плати во Европа и сега бараат од нас ефикасно да работиме поголемиот дел од денот. Луѓето не можат да бидат притискани на овој начин, во одреден момент ќе има експлозија – вели Макис Контоѓоргос, синдикалец од голема технолошка компанија.
Се смета дека Грција закрепна од продолжената должничка криза во која економијата се намали за повеќе од 25 отсто и од острите мерки за штедење наметнати за возврат на меѓународните фондови за спасување, но платите остануваат далеку зад оние во другите земји членки на ЕУ. Минималната плата од 880 евра месечно, иако зголемена од владата на Мицотакис, и натаму е меѓу најниските во ЕУ.
Експертите за пазарот на трудот ја доведоа во прашање оправданоста за продолжување на работното време кога истражувањата покажуваат дека таквите политики се штетни за продуктивноста и за квалитетот на услугите и стоките. Според статистичката агенција на ЕУ, Евростат, Грците просечно работат 39,8 часа неделно, додека просекот на ЕУ изнесува 35,8 часа.
Минатата година, владата предизвика слично незадоволство со воведување шестдневна работна недела, доброволна шема што се применува на приватните бизниси во туризмот и други сектори што обезбедуваат услуги 24 часа на ден. Синдикатите ја осудија мерката како „варварска“.
Синдикатите што ги претставуваат државните службеници и работниците во приватниот сектор повикаа на штрајк во знак на протест против промените во Законот за труд, тврдејќи дека работниците со новите правила ќе бидат подложни на злоупотреби од страна на работодавците и затоа бараат повлекување на спорниот предлог-закон. Се очекува предлогот за 13-часовен работен ден да биде усвоен месецов. Р.С.